Папата ја повика Меѓународната католичка комисија за миграции да се грижи за раселените деца
Во видеопорака до учесниците на Пленарното заседание на Меѓународната католичка комисија за миграции, папата Лав XIV ги охрабри да продолжат да ги прифаќаат, заштитуваат, поддржуваат и интегрираат мигрантите и бегалците, особено во денешниот свет обележан со војни и природни катастрофи.
Во време кога земјите се соочуваат со сериозни хуманитарни предизвици и со намалување на средствата за меѓународна помош, папата Лав XIV порача дека Црквата мора да ја продолжи својата мисија на грижа за мигрантите и бегалците, особено за децата.
Папата го упати овој повик во видеопорака објавена на 10 ноември и наменета за Советот на Меѓународната католичка комисија за миграции (ICMC), кој од 10 до 12 ноември 2026 година го одржува своето Пленарно заседание во Рим.
Оваа година Комисијата одбележува 75 години од своето основање. Таа била основана во 1951 година од папата Пиј XII, кардиналот Монтини, подоцнежниот папа Павле VI, и американскиот лаик Џејмс Норис.
„Ве повикувам да истраете во вашата благородна и важна мисија за зајакнување на службата на Црквата во прифаќањето, заштитата, поддршката и интеграцијата на мигрантите, бегалците и повратниците“, истакна Папата, додавајќи дека особено се моли нивните напори „да помогнат во пронаоѓањето нови начини за грижа за раселените деца“.
Бидејќи бројот на раселени деца „трагично продолжува да расте“, потребно е да се работи со нивните земји на потекло за да се отстранат причините што ги принудуваат да бегаат, а истовремено да им се обезбедат заштита и прифаќање во земјите низ кои минуваат и во земјите во кои пристигнуваат.
Советот ги претставува националните епископски конференции и локалните Цркви од повеќе земји во светот, а на средбата разговара за глобалната состојба со миграциите и за предизвиците со кои се соочува Црквата во одговорот на тие состојби.
Во својата порака папата Лав ја охрабри Комисијата да продолжи да се залага за почитување на достоинството на мигрантите и бегалците, кое им е дадено од Бога, и да соработува со други верски организации и со граѓанското општество.
Важноста на разбирањето, дијалогот и солидарноста
Папата Лав XIV истакна дека средбата се одржува во тежок период, кога „војните, насилството, неправдите, природните катастрофи и сè поголемите општествени и економски нееднаквости принудуваат милиони луѓе да ги напуштат своите домови и земји“.
Тоа создава „хуманитарни и општествени предизвици“ во земјите на потекло, транзит и одредиште, а состојбата дополнително се влошува поради намалувањето на средствата за меѓународна заштита и помош, објасни Папата.
Затоа, нагласи тој, уште поважно е да се негуваат вредностите на „разбирањето, дијалогот и солидарноста“, охрабрувајќи ја Комисијата да продолжи со својата мисија.
Цитирајќи го Апостолскиот поттик Dilexi Te, Папата потсети дека „во секој отфрлен мигрант, Самиот Христос чука на вратата“.
Ватикан њуз/к.мк

