Папата Лав XIV ја избра темата за Светскиот ден на болните во 2027 година, нагласувајќи ја одговорноста на христијанските заедници и граѓанското општество во грижата за болните, старите лица и сите кои страдаат.
„Го спуштија на носилка пред Исус. Улогата на заедницата во грижата за секој човек“ е темата што папата Лав XIV ја избра за 35. Светски ден на болните, кој ќе се одбележи на 11 февруари 2027 година, на празникот на Пресвета Богородица од Лурд.
Дикастеријата за промовирање на интегралниот човечки развој ја објави темата во четврток, 5 ноември 2026 година.
Темата е вдахновена од евангелскиот настан во кој еден фатен човек е донесен пред Исус од група луѓе. Бидејќи поради мноштвото не можеле да Му се приближат, тие го спуштиле болниот преку кровот за да го донесат пред Христос и да побараат исцеление.
„Секоја христијанска заедница, заедно со граѓанското општество, е повикана да се грижи за слабоста и страдањето на другите“, се наведува во соопштението на Дикастеријата.
Во евангелскиот настан, продолжува соопштението, членовите на заедницата се здружуваат за човекот кој страда да го донесат до изворот на телесното и духовното исцеление.
Токму оваа слика ја истакнува важноста на заедницата во придружувањето на болните и ранливите и потсетува дека грижата за човекот не е задача само на поединецот, туку одговорност што се споделува.
„Во срцето на нашиот крштален повик е заповедта за меѓусебна љубов. Љуби го својот ближен, грижи се за својот ближен“, се наведува во соопштението.
Како пријателите на фатенот човек, парохиите и христијанските заедници се повикани да ја преземат одговорноста за оние кои се сами, за старите лица и за сите кои страдаат, создавајќи простори на близина и надеж.
Светскиот ден на болните традиционално се одбележува на 11 февруари, на празникот на Пресвета Богородица од Лурд, и претставува посебна можност Црквата да ја насочи својата молитва и внимание кон болните, нивните семејства, здравствените работници и сите кои се посветени на грижата за оние што страдаат.
Ватикан њуз/к.мк

