Папата Фрањо во сабота на 29 април 2023 година во приватна аудиенција го прими Будимпештанскиот митрополит Иларион, по предвидените средби на вториот ден од Апостолското патување во Унгарија.
Митрополитот Иларион ја презеде функцијата во јуни 2022 година по тринаесет години поминати како претседател на Одделот за надворешни црковни работи на Московската патријаршија на Руската православна црква. Таа промена произлезе од низата одлуки донесени за време на седницата на Светиот синод на Руската православна црква, во манастирот Данилов во Москва, со кои се сменија структурите на некои територијални управи. Иларион е разрешен и од должноста митрополит Волоколамски и постојан член на Светиот синод на Руската православна црква и ректор на Институтот за напредни студии на светите Кирил и Методиј.
Можноста за средба на Папата со митрополитот Иларион ја предвиде ватиканскиот портпарол Матео Бруни при претставувањето на Апостолското патување во Канцеларијата за печат при Светиот Престол. Бруни сепак нагласи дека аудиенцијата не е на дневен ред. Споменатата средба „со срдечен тон“, соопшти Светиот Престол, траела околу 20 минути, со присуство на преведувач, а се одржала во Апостолската нунцијатура во Будимпешта, резиденцијата на папата Фрањо за време на неговиот престој во Унгарија. Папата го поздрави митрополитот со прегратка и го бакна неговиот крст.
Ватикан њуз/к.мк