После нешто повеќе од 11 часа, папата Фрањо пристигна на аеродромот во Бангкок, каде беше пречекан од претставници на граѓански и верски власти. Веднаш по неговото пристигнување, тој отиде во нунцијатурата. Првите настани и состаноци започнуваат денес, во седиштето на Владата, а потоа и во историските престојувалишта на тајландските монаси и нивниот врховен патријарх
Пристигнувајќи во Бангкок околу пладне по локално време, или околу 6 часот по европско време, започна 32. Апостолско патување на папата Фрањо. Тоа ќе биде долго и напорно патување на кое ќе биде во Тајланд до 23 ноември, а потоа во Јапонија, до 26 ноември. Зајакнувањето на малото стадо верници во вера, да се даде поддршка на дијалог и меѓурелигиски средби како и промовирање на мир и заштита на животот и животната средина се водечките насоки на наследникот на Петар, кој и во двете држави оди по стапките на саканиот Иван Павле Втори.
Програма во Бангкок
На аеродромот во Бангкок, Папата беше пречекан од претставници на властите на таа азиска земја, заедно со епископите и 11 деца во типична носија, кои ги претставуваа епархиите на таа територија, каде што живеат нешто повеќе од 300.000 католици. Една мала група верници веднаш го поздравија Папата на излегување од аеродромот од каде се упати кон нунцијатурата каде појадуваше, се одмори и славеше приватна Света Литургија попладнето. Тој, исто така, беше пречекан на аеродромот во Бангкок од неговата братучетка, 77-годишната сестра Ана Роса Сивори, монахиња во заедницата на Ќерките на Марија Помошничка, која ќе биде предводник на некои настани за време на престојот на Папата во Тајланд.
Првите средби ќе започнат денес, 21 ноември, кога ќе бидат скоро три часот наутро во Европа. Папата ќе биде гостин на тајландскиот Премиер, каде ќе се обрати пред претставници на властите, граѓанското општество и Дипломатскиот кор. Првата меѓурелигиска средба на патувањето ќе биде со врховниот патријарх на будистите, кога тој ќе го посети Ват Рачабофит Сатит Маха Симарам будистички храм и потоа ќе оди во болницата Свети Луис, која е основана во 1898 година од католиците, а сега е реномиран медицински центар. Првиот интензивен ден на папата Фрањо во Бангкок ќе заврши попладне со приватна посета на кралот и со првата Света Литургија што ќе се слави на националниот стадион на кој можат да се сместат 65.000 посетители.
Петок, 22 ноември, ќе биде посветен пред се на средба со свештеници, монаси, богослови и катехисти, а потоа со тајландските и азиските епископи кои ќе го пречекаат Папата во парохијата Свети Петар и блиската црква на светилиштето посветено на блажениот Николас Бункерд Китбамрунг. Денот ќе заврши со средба со верските водачи и со Света Литургија со млади во катедралата во Бангкок. Во сабота, на 23 ноември, Папата ќе отпатува за Јапонија.
Ватикан њуз/к.мк