Папата Фрањо, преку Папскиот совет Cor Unum, ќе испрати почетен износ од 100.000 долари за помош на населението во Хаити кое е погодено од ураганот „Метју“.
Овој дар, наменет за настраданите во поплавите, се вклучува во мрежа која е веднаш покренета во целата Католичка црква, а кој опфаќа разни бискупски конференции и црковни каритативни тела, а е прв опиплив израз на чувства од Папската духовна близина и татковско охрабрување кон луѓето од тие тешко настрадани краеви.
Во врска со меѓународниот Каритас, хаитскиот Каритас веднаш, после поминувањето на ураганот, испратил апел за помош во набавка на храна за 2.700 семејства, 2.700 хигиенски пакети како и да се осмислат советодавни програми и сензибилирање на населението во врска со превенција од заразни болести. Осврнувајќи се на поддршката на Папата на тамошното население, во разговор за Радио Ватикан, монс. Џовани Пјетро Дал Тосо, секретар на Папскиот совет Cor Unum, потсети дека Светиот Отец веднаш ја повикал меѓународната заедница во овој момент излезе во пресрет на потребите на народот во Хаити. Знаеме дека Хаити, економски и структурно е многу сиромашна земја и дека ѝ е потребна помош од другите земји, бидејќи Хаитјаните се навистина сиромашни – рече секретарот на Папскиот совет додавајќи:
Јасно е дека ова е почетна поддршка: потребите се неизмерни и невозможно е во овој момент да се наведат. Помош пристигнува од сите страни, но сега е важно да се излезе во пресрет на најголемите потреби, а тоа е во прв ред храната и пијалоците за народот со што на овие луѓе ќе им се загарантира барем некаква сигурност. Ние се надеваме дека во иднина ќе можеме да им пружиме сериозна помош, која веројатно ќе се конкретизира во некој значаен дел кога обновата ќе започне – изјавил монс. Дал Тосо.
На прашањето каде уште е присутен Папскиот совет, одговори дека во последно време е најмногу зафатено во Украина. Светиот Отец пред сѐ повика во сите Цркви во Европа и светот на крајот на месец април да се организира собирање на милостиња за населението во Украина. Собраните средства сега треба да ги потрошиме за населението и затоа е воспоставен Технички одбор, а Советот ја набљудува активноста на одборот кој сега врши распределба на парите за потребите на бегалците, додавајќи:
Освен Хаити и Украина, уште одамна ги следиме конфликтите во Сирија и Ирак, каде хуманитарната ситуација е многу тешка; многу е голем бројот на бегалци и раселени лица. Во тој контекст, во Рим на 29 септември е одржан многу важен состанок со бројни католички каритативни организации, и со претставници од бискупските конференции од Ирак и Сирија, за одредување на приоритетите во своето делување. Освен тоа, не треба да се занемаруваат и другите итни случаи, кои недоволно се земаат во предвид.
Сакам да потсетам на состојбата во Етиопија кога веќе неколку месеци има недостиг на храна. Се вклучивме во помош на бискупиите кои покренаа хуманитарни проекти во корист на месното население. Хуманитарниот проблем денес се повеќе се чувствува во светот, поради природните катастрофи, но и поради последиците од човечкото дејствување, како на пример на Блискиот Исток. Да настојуваме во сите тие околности да се почувствува и присуството на Светиот Отец. Важно е луѓето да почувствуват дека Папата конкретно помага, а не дека само бара помош од меѓународната заедница – заклучил секретарот на Папскиот совет Cor Unum.
РВ/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк