Светлото на верата ослободува од гревот и го уништува злото кое го имаме во срцето – рече папата Фрањо пред молитвата Ангел Господов во неделата. На Четвртата Недела на Великиот пост, сè уште во силна криза од коронавирусот, Папата ги повика верниците да го наследуваат слепиот од Евангелието и натопени со Христовата светлина со Него да можеме да одиме на патот на спасението.
Покажувајте го Христовото светло во својот живот – поттикна папата Фрањо пред молитвата Ангел Господов, која се одржа во библиотеката во Апостолската палата, во неделата на 22 март 2020 година. Во центарот на Литургијата оваа Четврта недела на Великиот пост е темата светло. Евангелието зборува за слепиот од раѓање кој Исус го оздравува и му дава вид. Тоа е чудесен знак на потврда на она што Исус го зборува за себе: Јас сум светлина на светот, светлото кое свети во нашата темнина – рече Папата и истакна: Тој светли на две нивоа; на телесно и на духовно. Слепиот најнапред се здобива со вид на очите и потоа е воден кон верата во „Синот Човечки“, односно во Исус. Чудата кои Тој ги прави не се спектакуларни гестови, туку имаат за цел преку внатрешното преобразување да водат кон верата.
Фарисеите и книжниците упорно одбиваат да го признаат чудото и на човекот кој оздравел му поставуваат подмолни прашања – рече Светиот Отец и истакна: Но, им одговара со силата на реалноста, единствено знам дека бев слеп, а сега гледам. Помеѓу недовербата и непријателството на оние кои го опкружуваат и неверните кои го испитуваат го поминал патот кој постепено го водел кон откривањето на идентитетот на Оној Кој му ги отворил очите и патот кон исповедањето на верата во Него. Најпрво сметал дека е пророк, потоа го препознал како Оној Кој доаѓа од Бог, а на крајот го прифатил како Месија и Му се поклонил. Сфатил дека Исус, давајќи му го видот покажал Божјо дело.
Да молиме и ние да можеме да го имаме тоа искуство! – поттикна папата Фрањо и напомена: Оној кој бил слеп, со светлината на верата го открил својот нов идентитет. Сега е „ново создание“, во состојба е својот живот и светот кој го опкружува да го види во ново светло, затоа што влегол во заедништво со Христос. Повеќе не е просјакот кој заедницата го отфрлила; повеќе не е роб на слепилото и предрасудите. Неговиот пат на просветлувањето е метафора на патот на ослободувањето од гревот на кој сме повикани. Гревот е како темен превез кој го покрива нашето лице и нè спречува јасно да се видиме себе и светот. Тој темен превез Божјата прошка го отстранува и повторно ни дава ново светло. Великиот пост кој го живееме е пријатно и скапоцено време за приближување до Господ, барајќи Го Неговото милосрдие во различните облици кои ги предлага Мајката Црква.
Слепиот кој оздравел и сега гледа без разлика дали со телесните очи или со очите на душата, е слика за секој крстен кој е потопен во милоста, бил истргнат од темнината и ставен во светлото на верата – рече Папата и објасни: Но не е доволно да се прими светлото, потребно е да се стане светло. Секој од нас е повикан да го прифати божественото светло за да го покажува целиот свој живот. Христијаните и теолозите од првите векови зборувале дека заедницата на христијаните односно Црквата е „таинство на месечината“, затоа што давала светло, но немала сопствено светло, туку од Христос го примала светлото. И ние мора да бидеме „таинството на месечината“ односно да го даваме светлото кое сме го примиле од сонцетот кое е Христос Господ.
На тоа нè потсетува свети Павле: „Живеете како деца на светлината! Зашто плодот на Духот се состои во секое добро, правда и вистина.“ Семето на новиот живот кое крштението во нас го посеало е како искра на огнот кој пред сè прочистува, запалувајќи го злото кое го имаме во срцето и ни овозможува да блескаме и осветлуваме. Нека Пресветата Дева Марија ни помогне да го наследуваме слепиот од Евангелието, за да можеме да бидеме натопени со Христовото светло и со Него да одиме на патот на спасението – заврши Светиот Отец.
Ватикан њуз/к.мк