Папата Фрањо крсти 21 дете во Сикстинската капела

Папата Фрањо крсти 21 дете во Сикстинската капела

На празникот Крштение Господово, папата Фрањо во Сикстинската капела ја подели Светата Тајна Крштение на 21 дете, чии родители се вработени во Ватикан. „Денеска тие наредуваат“, рече Папата на почетокот на славењето, мислејќи на најмалите, „и ние мораме да им служиме“.

Во недела, 12 јануари 2025 година, на празникот Крштение Господово, папата Фрањо ја подели Светата Тајна Крштение на група деца, а за време на свеченоста во познатата Систинска капела воспостави возвишено, но во исто време, семејна атмосфера со новороденчињата и нивните семејства. Крстените деца се потомци на вработените во Ватикан и на швајцарската гарда. Оваа година под фреските на Микеланџело, 21 дете свечено беа примени во Католичката црква.

„Најголемиот дар е дарот на верата“

Пред славењето, Светиот Отец ги даде своите вообичаени, грижливи препораки: „Важно е децата да се чувствуваат добро! Денеска тие наредуваат, денес тие се главни – објасни Папата и додаде – и ние мора да им служиме, со Светата Тајна и со молитви. Како и обично, тој ги охрабри мајките да ги дојат своите бебиња ако се гладни и да ги пресоблечат ако им е жешко.

Денес секој од вас родители, вклучително и самата Црква, на децата им го дава најголемиот дар, дарот на верата.

Знакот на крстот на челото на најмалите

Родителите полни со емоции пристапија до Петровиот наследник за нивните деца да го добијат на чело знакот на крстот. Папата Фрањо ги поздрави сите со насмевка и, ако има постар брат или сестра, дозволи тие да го направат крстот на челото на оние што се крштеваат. Папата во својата проповед ги кажа најважните работи – за да не се уморат најмалите – како што знаеше да каже на претходните славења. Нека растат во верата, за да ја доживеат вистинската човечност, во семејна радост – посака Папата.

„Кога има проблем, вклучете го светлото“

Литургијата продолжи со сослужителите, кардиналот Конрад Крајевски, Папски делител на милостина и кардиналот Фернандо Вергез Алзага, претседател на управата на градот Ватикан, кој секое дете го помазаа со елеј за катехумени. Потоа папата Фрањо ја подели Светата Тајна на христијанската иницијација, со света вода полевајќи ја главата на секое дете, кои беа во придружба на родителите и кумовите. Следеше помазание со свето миро. Кардиналот Крајевски го правеше знакот на главата на секој крстен. Кардиналот Вергез Алзага ја предаде белата наметка, додека секој татко ја запали својата свеќа од пламенот на велигденската свеќа.

Носете го тоа светло со вас секогаш, во вашиот дом, како сеќавање на овој ден. И кога ќе се појави некој проблем, некаква тешкотија, вклучете ја таа светлина за да побарате од Господа милост за вашето семејство.

Беше извршен и обредот „Effatà“, „отвори се“, кој потсетува на настанот од Евангелието според Марко кога Исус исцелува глуви и неми. Двајцата кардинали со палците ги допираа ушите и усните на крстените деца. На крајот од славењето, Папата остана со семејствата на крстените: размени по неколку зборови и на секој од нив им подари по еден подарок.

Крштението на децата на вработените во Ватикан е дел од традицијата воведена од Иван Павле II во 1981 година, со само една промена: првите две години крштевките се одржуваа во капелата Полина, а од 1983 година во Сикстинската капела.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот