Ден на молитва и размислување за Либан се одржа во Ватикан на 1 јули 2021 година во присуство на папата Фрањо и поглаварите на либанските христијански заедници. Собрани во базиликата Свети Петар, поглаварите се молеа за „земјата на кедрите“.
Заедно за Либан. Денот на молитва за мир во земјата на кедрите, одреден од папата Фрањо, започна во Домот Света Марта, со поздрав на Папата до поглаварите на либанските христијански заедници и членовите на делегациите. Светиот Отец и патријарсите потоа отидоа во базиликата Свети Петар на молитва пред гробот на апостолот, за да ја упатат својата молитва кон Бога и да повикаат за мир во Либан. Секој од поглаварите запали свеќа, знак на надеж за либанскиот народ, кој долго време страда од тешка економска, социјална и политичка криза.
Папата Фрањо и погалварите на либанските христијански заедници потоа отидоа во Апостолската палата на три консултации зад затворени врати, модерирани од Апостолскиот нунциј во Либан, надбискупот Јосиф Спитери. Програмата заврши во базиликата Свети Петар со заедничка молитва и читање на делови од Словото Божјо, наизменично со повици и песни на обредните традиции присутни во Либан, со текстови на арапски, сириски, ерменски и халдејски јазик.
Кон крајот на молитвата, поглаварите си подадоа знак на мир, но не на традиционален начин, туку во согласност со прописите поврзани со пандемијата. Имено, неколку млади луѓе им предадоа запалени свеќи на поглаварите, кои потоа беа поставени на свеќник во знак на надеж за мир за Либан.
Ватикан њуз/к.мк