Папата Фрањо: „Исус кој моли за нас е темел на нашиот живот“

Папата Фрањо: „Исус кој моли за нас е темел на нашиот живот“

Темел на нашиот христијански живот е Исус кој моли за нас – порача папата Фрањо во утринската света Миса во петок 28 октомври 2016 година во Домот Света Марта. Папата нагласи дека секој Исусов избор, секој Негов гест, па дури и крајот на неговиот земски живот на крстот е обележен со молитва. Значи, Тој ги поттикна христијаните на доверба во Господовата молитва. Исус ги избра своите ученици откако молеше долго и интензивно – рече Светиот Отец. Во својата проповед се фокусира на извадокот од евангелието на денот како би ставил акцент на темелот на нашиот христијански живот.

Аголен камен на Црквата е Исус кој моли за нас

„Аголен камен е самиот Исус – истакнува Светиот Отец, повторувајќи ги зборовите на светиот Павле. Без Исус нема Црква, меѓутоа, забележа Папата, извадокот од Евангелието според Лука додава посебност, за која би требало да размислиме: „Исус се искачи на гората да се помоли. И ја помина ноќта молејќи се на Господ’. А тогаш доаѓа сè друго: луѓето, изборот на учениците, лекувањата, изгонувањето на злите духови… Аголниот камен е Исус, да: меѓутоа Исус кој моли. Исус моли. Тој молеше и продолжува да моли за Црквата. Аголниот камен на Црквата е Господ пред Отецот, Кој нè застапува, Кој моли за нас. Ние се молиме на Него, меѓутоа темел е Оној Кој моли за нас“.

Нашата сигурност е во Исусовата молитва за секој од нас

„Исус секогаш се молеше за своите“– продолжи Светиот Отец, исто така и на Последната вечера. Исус „пред да направи некое чудо, моли – додаде Папата. Да се сетиме на воскресението на Лазар: се моли на Отецот: „На Маслинската гора, Исус моли; на крстот, завршува молејќи: Неговиот живот заврши во молитва. Тоа е нашата сигурност, тоа е нашиот темел, тоа е нашиот аголен камен: Исус Кој моли за нас! Исус Кој моли за мене! И секој од нас може да рече: ’Сигурен сум, сигурна сум дека Исус моли за мене; Тој е пред Отецот и ме именува’. Тоа е аголен камен на Црквата: Исус во молитва“.

Да размислуваме за Таинството на Црквата втемелена на Исус Кој моли

„Да размислуваме за оној извадок пред маката – рече папата Фрањо – кога Исус се сврте кон Петар и го предупреди: ’Петре… Сотоната доби дозвола да ве решета како пченица. Меѓутоа јас се молев за тебе твојата вера да не малакса’. А што вели Петар – продолжи Светиот Отец – говори на тебе, и на тебе, и на тебе, и на мене, и на сите: ’Молев за тебе, молам за тебе, сега молам за тебе’, а кога ќе дојде на својот олтар, доаѓа да посредува, да моли за нас како што правеше на крстот. И тоа ни дава голема сигурност. Припаѓам на таа заедница, која е цврста, бидејќи нејзиниот аголен камен е Исус, меѓутоа Исус Кој моли за мене, Кој моли за нас. Ќе биде добро денес да размислуваме за Црквата; да рефлектираме за оваа таинство на Црквата. Сите ние сме како зграда, меѓутоа темел е Исус, Исус Кој моли за нас. Исус Кој моли за мене“, заклучи во својата проповед папата Фрањо.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот