Папата Фрањо до театинците: Прифатете обнова, заедништво и служење

Папата Фрањо до театинците: Прифатете обнова, заедништво и служење

На 14 септември 2024 година, Папата во базиликата Свети Петар се сретна со учесниците на ходочестието организирано од Редот на редовните духовници на Божјото Провидение, по повод 500-годишнината од основањето на редот и ги охрабри монасите да го продолжат својот пат на обнова, заедништво и служење: добрите намери остануваат залудни ако конкретно не сме во служба еден на друг, понизно, со добра волја и во духот на пожртвуваноста.

Точно пред 500 години, на 14 септември 1524 година, кога свети Гаетано од Тиене и неговите собраќа ги дадоа своите свечени завети во базиликата Свети Петар во Рим, и на тој начин се создаде Редот на редовните духовници од Тиене за да го практикува и промовира заедничкиот живот и служењето на Бога во односот кон браќата, за неговите членови да придонесат за реформа на Црквата преку реформа на самите себе по примерот на првата апостолска заедница. На тоа потсети папата Фрањо во својот говор пред учесниците на ходочестието што го организираа театинците, по повод 500-годишнината од основањето на редот, кои се собраа во ватиканската базилика и ги охрабри монасите да го продолжат своето обновување, заедништво и служење.

Да се обнови „врз основа на старото“

Во своето размислување Светиот Отец тргна токму од базиликата Свети Петар, која во времето на свечените завети на Гаетано од Тиене била вистинско градилиште поради почетокот на рушењето на старата базилика, која била изградена од царот Константин, и која повеќе не одговарала на потребите на Божјиот народ, и за да се изгради нова. Напредокот на работите, иако бавен поради недостатокот на средства и проекти кои не биле целосно јасни, е слика – според Папата – која ни помага да размислиме за потребата за преземање на храбри патишта на обнова за да останеме верни на своето послание; затоа, неопходно е да се обнови верноста, останувајќи втемелени на старото, но во исто време да се биде подготвен да се урне она што повеќе не е потребно за да се изгради новото. Тоа е обнова – објасни Папата.

Заедништво

Што се однесува до заедништвото, Папата потсети како познати уметници, вешти занаетчии и многу работници и помошници, мажи и жени, работеле на базиликата Свети Петар, ангажирани на најскромните задачи и обединети во истиот напор да ѝ дадат живот на новата градба. Истовремено, тој ја истакна важноста на соработката, бидејќи – како што рече – не можеме сами да изградиме гостопримлив дом, туку заедно, во заедница, ценејќи го сечиј придонес.

Еден на друг во служба

Папата Фрањо потоа истакна дека за да се реализираат проектите потребно е да се засукаат ракавите, потребна е ангажираност.

Добрите намери остануваат залудни доколку конкретно не се ставиме во служба еден на друг, понизно, со добра волја и во духот на пожртвуваноста. Свети Гаетано тоа ни го покажа со бројни каритативни дела, некои и денес се живи, но пред сè, така нè научи Исус, Кој не дојде да Му служат, туку да служи и да го даде својот живот.

Црквата, Божјиот народ

Она што е важно сме ние, лично и во заедницата – истакна Папата, охрабрувајќи ги присутните да погледнат во Ватиканската базилика, посочувајќи дека оваа градба е симбол.

Пред петстотини години, вашите основачи не го посветиле својот живот на градилиште од тули и мермер, туку на живи камења; ги посветија своите животи на Црквата со големо Ц, Црквата, Христовата свршеница, Божјиот народ и таинственото тело Господово. Заради нејзиното добро, секој од нив се потроши до крај, давајќи му живот на делото кое по вековна верност денес ви е доверено на вас. Бидете храбри, напред. Бидете храбри, напред. (…)

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот