Папата Фрањо ќе го посети северниот италијански град Верона на 18 мај 2024 година, за да учествува на 14-тиот фестивал на Социјалната наука на Црквата
Бискупот монсињор Доменико Помпили во сабота, 25 ноември 2023 година објави дека папата Фрањо ќе го посети италијанскиот град Верона на 18 мај 2024 година.
Повод за неговата посета ќе биде 14-тиот фестивал Социјалната наука на Црквата, како и 1650-годишнината од смртта на свети Зенон од Верона, епископ од IV век и заштитник на градот.
Планирани настани
Според бискупот од Верона, посетата на Папата ќе опфати три клучни настани.
Ќе учествува на „Арена на мирот 2024“, која ќе ги собере црковните и граѓанските водачи за да разговараат на теми како мир и разоружување, интегрална екологија, миграција, работа, демократија и права.
Потоа папата Фрањо ќе го посети затворот „Монторио“ каде ќе разговара со затворениците и ќе биде на ручек со нив. Помеѓу многуте места кои ги спојуваат сиромаштвото и грижата, е избрано тоа место, со драматични крици кои се издигнуваа од таму, но и знаци на надеж, рече бискупот од Верона на прес-конференцијата.
Последниот настан ќе биде светата Литургија на стадионот „Бентегоди“, каде што Црквата и целиот град, во пресрет на празникот Педесетница, ќе се соберат со желба дека ќе можат да продолжат да придонесуваат за плодовите на Светиот Дух, вклучувајќи љубов, мир и добронамерност.
Верона: „Крстопат на народите“
Бискупот Помпили објасни дека папата Фрањо ја гледа Верона како крстопат на народите, место на дијалог каде значајните размени можат да придонесат за мирот, особено во овие предизвикувачки времиња. Овој град е родно место на многу мисионери, мажи и жени, автентични „општествени поети“ кои го ширеле евангелието низ целиот свет, промовирајќи интегрален човечки развој, нагласи бискупот во своето обраќање.
Во овие времиња, истакна бискупот Помпили, со често нагласени драматични тонови, во кои понекогаш чувствуваме губење на надежта, папата Фрањо ќе дојде на 18 мај за да го потврди на Црквата во Верона и градот на Ромео и Јулија ветувањето кое ни го дава Словото Божјо: „Милоста и вистината ќе се сретнат, правдата и мирот ќе се целиваат“ (Псaлм 85,10).
Најавата за пасторалната посета на Папата е објавена на прес-конференција одржана за време на 13-тиот фестивал за Социјална наука на Црквата, кој започна во петок, 24 ноември, а завршува во недела, 26 ноември 2023 година.
Ватикан њуз/к.мк