За време на летот од Рим кон Монтевидео, папата Лав XIV испрати телеграми со поздрави и молитви до водачите и народите на Италија, Франција, Алжир, Мавританија, Сенегал и Бразил, додека папскиот авион минуваше над нивните територии.
Папата Лав XIV упати молитви за мир, единство и просперитет до шест земји за време на летот од Рим кон Уругвај во петок, 6 ноември 2026 година.
Телеграмите до шефовите на држави беа испратени на почетокот од неговото апостолско патување во Уругвај, Аргентина и Перу.
По напуштањето на Италија, Светиот Отец му испрати телеграма на италијанскиот претседател Серџо Матарела.
Во неа Папата ги довери надежите за мир и братство на народите што ќе ги посети на застапништвото на Пресвета Богородица и светците кои им го навестувале Евангелието на љубовта.
Истовремено упати молитви за доброто и просперитетот на целиот италијански народ.
Во телеграмата до францускиот претседател Емануел Макрон, папата Лав XIV со благодарност се потсети на својата неодамнешна посета на Франција и го увери францускиот народ во своите молитви за „Божји благослови на мир и слога“.
Светиот Отец се потсети и на својата посета на Алжир претходно оваа година. Во пораката до претседателот Абделмаџид Тебун се помоли Севишниот да му дарува на алжирскиот народ мир и просперитет.
Папата му упати поздрав и на претседателот на Мавританија, Мохамед Шеик Ел Газуани, како и на целиот народ на земјата, молејќи го Семоќниот да ѝ ги дарува „даровите на единството и слогата“.
Во телеграмата до претседателот на Сенегал, Басиру Диомаје Феј, Светиот Отец повика на Божја заштита над земјата и нејзиниот народ.
На крајот, обраќајќи му се на бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва, папата Лав XIV упати срдечни поздрави до него и до бразилскиот народ и ги повика над земјата „даровите на единството и мирот од Семоќниот Бог“.
Телеграмите се традиционален дел од папските патувања и се испраќаат до шефовите на државите над чии територии минува авионот на Светиот Отец.
Ватикан њуз/к.мк

