Папата: Среде ужасниот судир на Блискиот Исток нека се отворат патишта на мирот

Папата: Среде ужасниот судир на Блискиот Исток нека се отворат патишта на мирот

Пред молитвата Ангел Господов, папата Лав XIV потсети дека на Блискиот Исток нема да се одржат традиционалните обреди на Страсната седмица. Тој изрази близина и молитва за сите што страдаат. Повика да ги воздигнеме нашите молитви кон Кнезот на мирот, за да ги укрепи народите погодени од војната. Папата се осврна и на мигрантите што загинаа во морето во близина на Грција.

Папата Лав XIV во недела 29 март 2026 година, на крајот од евхаристиското славење на Неделата на Господовото страдање и пред молитвата Ангел Господов, упати мисла до верниците во Светата Земја, кои поради насилството и ограничувањата предизвикани од војната не можат да ги слават обредите на Страсната седмица. Тој ја изрази својата близина со оние што ги трпат последиците од страшниот судир и повика на помирување. Притоа истакна:

„Токму додека Црквата размислува за таинството на Исусовото страдање, не смееме да ги заборавиме оние што денес на вистински начин учествуваат во Неговото страдање. Нивното искушение ја допира совеста на сите луѓе. Да ги воздигнеме нашите молитви кон Кнезот на мирот, за да ги укрепи народите погодени од војната и да отвори конкретни патишта на помирување и мир.“

За живот и за мир

Светиот Отец не ги заборави ниту жртвите на војната, а особено морепловците, па упати молитва за сите починати, за ранетите и за нивните семејства. Притоа додаде:

„Земјата, небото и морето се создадени за живот и за мир.“

Молитва за мигрантите

Римскиот бискуп на крајот се сети и на мигрантите кои, сонувајќи за нов живот, настрадаа во морето. Притоа потсети на неодамнешната несреќа што се случи во близина на островот Крит, во која загинаа 22 лица, и рече:

„Да се молиме за сите мигранти што загинаа во морето, особено за оние што овие денови го загубија животот во близина на островот Крит.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот