Папата се јави на патријархот Пицабала да изрази близина по нападот врз парохијата во Газа

Папата Лав XIV се јави на кардиналот Пјербатиста Пицабала по нападот извршен од израелски сили, при што загинаа три лица, а неколку други беа повредени, иако беа засолнети во црковниот комплекс.
Кардиналот Пјербатиста Пицабала, латински патријарх на Ерусалим, во петок, 18 јули 2025 година, ја посети единствената католичка парохија во Газа, заедно со Неговото Блаженство Теофил III, грчкиот православен патријарх на Ерусалим.
При нивниот влез во енклавата, Светиот Отец Папата Лав XIV му се јави на Патријархот Пицабала за да ја изрази својата духовна близина, грижа, молитвена поддршка и волја да стори сè што е можно за да се постигне не само прекин на огнот, туку и конечно запирање на трагедијата.
„Папата Лав не престанува да повторува дека е крајно време да се стави крај на овој масакр, дека она што се случува е неоправдано и дека мора да се обезбеди заштита на човечкиот живот, за да нема повеќе жртви“, изјави Патријархот Пицабала.
Во име на Латинската патријаршија и на сите Цркви на Светата Земја, Патријархот му изрази благодарност на Светиот Отец за неговата солидарност и за молитвите кои ги вети, нагласувајќи ја благодарноста на целата католичка заедница во Газа.
Папата повторно повика на прекин на огнот
Во четвртокот, израелска граната, истрелана од тенк, ја погоди католичката црква „Свето Семејство“ во Газа. Во нападот загинаа три лица, а беа повредени уште десет, меѓу кои и парохискиот свештеник отец Габриел Романели.
Од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас во октомври 2023 година, покојниот папа Фрањо секојдневно остваруваше телефонски контакти со отец Романели.
Папата Лав XIV, во четвртокот, испрати порака до католичката заедница во Газа, ветувајќи дека се моли за жртвите и за сите кои се засолнети во храмот.
Светиот Отец упати повик за итен прекин на огнот и изрази надеж за започнување дијалог, за помирување и за воспоставување траен мир во регионот.
Екуменска посета и хуманитарна помош
Патријарсите Пицабала и Теофил III во петокот ја посетија католичката парохија „Свето Семејство“ во знак на солидарност со оние кои беа директно погодени од последните насилства, според соопштението на Латинската патријаршија од Ерусалим.
Во координација со хуманитарни партнери, беа преземени чекори за обезбедување пристап до стотици тони храна, комплети за итна медицинска помош и потребна медицинска опрема, со цел да се помогне и на христијанската заедница и на другите семејства во Газа.
„Патријаршијата обезбеди евакуација на повредените лица од нападот во здравствени установи надвор од Газа, каде што ќе добијат соодветна медицинска нега“, се вели во соопштението.
Молејќи се за безбедноста на посетата, Патријаршијата повика на итен прекин на воените активности.
„Латинската патријаршија останува непоколеблива во својата посветеност за христијанската заедница и за целото население на Газа“, се наведува во соопштението. „Тие нема да бидат заборавени, ниту напуштени“.
Осуда од црковните водачи
Патријарсите и поглаварите на Црквите во Ерусалим објавија заедничка изјава, изразувајќи солидарност со сите што се засолнети во католичката парохија во Газа.
„Во непоколебливо единство, остро го осудуваме овој чин на насилство“, се наведува во изјавата. „Храмовите се свети места и мора да останат неприкосновени. Тие се, покрај сè, заштитени и според меѓународното право. Нападот врз црква во која се засолнети околу 600 бегалци, меѓу кои и деца со посебни потреби, претставува грубо прекршување на тие закони. Тоа е и навреда за човечкото достоинство, понижување на светоста на човечкиот живот и сквернавење на свето место.“
Црковните водачи, уверувајќи ја заедницата во Газа во своите молитви, ја повикаа меѓународната заедница да се ангажира за итен прекин на огнот, што ќе доведе до трајно запирање на војната.
„Воедно ги повикуваме сите одговорни да гарантираат заштита на сите верски и хуманитарни објекти“, се вели во изјавата, „и да обезбедат помош за многуте гладни луѓе во целиот Појас Газа“.
Ватикан њуз/к.мк