Папата Фрањо во понеделникот на 24 октомври 2016 година приватно се сретна со претседателот на Венецуела Николас Мадуро – пренесе Канцеларијата за печат на Светиот Престол.
Бидејќи посетата претходно не беше најавена го немаше вообичаениот облик на една папска аудиенција за шеф на држава. Поводот за средбата е „загрижувачката ситуација“ во Венецуела.
Во изјавата на Канцеларијата за печат стои дека во Венецуела владее „политичка, општествена и економска криза која има сериозни последици врз секојдневниот живот на целокупното население“ на таа земја. Папата се „грижи за благосостојбата на сите жители на Венецуела“ и сака „да придонесе за стабилност на државните институции како и секој чекор кој би можел да доведе до решавање на отворените прашања и воспоставување на поголема доверба помеѓу спротивставените страни.“
Изјавата завршува со повикот на Папата за „искрен и конструктивен дијалог“ кој за цел ќе има „ублажување на страдањето на луѓето посебно на сиромашните и промовирање на клима со обновена општествена кохезија.“
РВ/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк