Папата се обрати на италијанската сообраќајна и железничка полиција

Папата се обрати на италијанската сообраќајна и железничка полиција

На 20 ноември 2017 година, во аудиенција во Ватикан ги прими раководителите и вработените во сообраќајната и железничката полиција во Италија.

Службата која ја извршува сообраќајната полиција задолжена за патниот и железничкиот сообраќај, често не се цени доволно, но бара длабока смисла на должноста, во служењето на човекот и општото добро – со тие зборови папата Фрањо се обрати до водачите и вработените на двете полициски тела, кои на 20 ноември 2017 година ги прими во Ватикан. Светиот Отец изрази почит и благодарност, и ги охрабри оние кои работат на улиците и на железничките пруги, во реалноста – како што рече – која е слоевита и немирна, во свет, во кој луѓето сѐ повеќе се движат, така што делотворното и безбедното движење станаа главна и неопходна потреба на општество кое сака да оди во чекор со развојот, и кое сака да ја загаранира благосостојбата на своите членови.

Папата зборуваше и за недостатоците на патниот систем, во кој се потребни големи вложувања заради осовременување и безбедност, предупреди и на слабото чувство за одговорност на многумина кои управуваат со превозните средства. Често изгледа – истакна Светиот Отец – дека не ги забележуваат дури и тешките последици од своето невнимание – на пример несоодветната употреба на мобилниот телефон, додаде Папата – или непочитувањето на правилата.

Папата за тоа го обвинува брзањето и одреденото натпреварување прифатено како стил на живот, како другите да се пречки или противници кои треба да се пристигнат. Така – според зборовите на Папата – улиците ги претвораат во писти за трки, а линијата на семафорот станува стартна линија на автомобилската трка. За поголема безбедност не се доволни казните, туку потребно е воспитно делување кое ќе поттикне поголема свест за одговорностите кои човекот зад воланот ги има пред оние кои се покрај него.

Така и во железничкиот сообраќај потребно е одржување и структурни инвестиции, чии недостаток – предупреди папата Фрањо – секој ден предизвикувата неволји на милиони патници и работници кои патуваат до своето работно место, а неретко доаѓа до несреќи со жртви. Затоа Папата ги поттикна сите полициски раководители и работници во сообраќајот нивната професионалност да биде вдахната од голема стручност, но и длабока праведност која не дозволува да се искористува моќта, туку така да се развива на уште повисоко ниво на хуманост.

И во надзорот и во казнувањето важно е да се користи сила која никогаш нема да се претвори во насилство – предупреди Папата. Потребно е многу мудрост и самоконтрола, посебно кога на полицаецот се гледа со недоверба, како да е непријател. Тоа зло е раширено – додаде – во одредени предели во кои општественото ткиво се спротивставува на државата и на оние кои ја претставуваат.

Заради тоа папата Фрањо препорача „стил на милосрдие“ кој не е знак на слабост, а не бара откажување од употребата на сила. Милосрдието значи да се биде способен да не се поистовети вината со прекршокот кој е направен, нанесувајќи му така штета и внесувајќи чувство на освета. Посебно е важно да се постапува милосрдно во случаи на слабост и жалост, не само во несреќните случаи, туку и во средбата со оние во потреба и луѓето во неволја – рече Папата.

Спомнувајќи го потоа свети Арахангел Михаил, заштитникот на сообраќајната полиција, Папата истакна дека секогаш е во тек борбата помеѓу доброто и злото, која без оглед на верскиот аспект треба секој да го поттикне да го преземе својот дел од одговорноста за да се сузбие егоизмот, неправдата и рамнодушноста. Вашата работа, која можам да ја наречам „послание“, ве става во центарот на општеството – рече на крајот папата Фрањо.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот