Папата Фрањо упати телеграма со сочувство до надбискупот на градот Алжир, монс. Пол Десфарџе, изразувајќи длабока болка заради вестите за авионската несреќа која се случи на 11 април недалеку од главниот град Алжир и се придружува на тагата на алжирскиот народ.
Во падот на авионот загинаа 257 луѓе, главно војници и членови на нивните семејства, а несреќата се случила неколку минути по полетувањето на авионот од воениот аеродром Буфарик кој се наоѓа 30 километри југозападно од главниот град. Станува збор за најтешката авионска несреќа во историјата на таа северноафриканска земја.
Во телеграмата која ја потпиша Папскиот државен секретар кардиналот Пиетро Паролин, Светиот Отец порачува дека се моли за сите семејства на жртвите и за сите оние кои се погодени од таа трагедија. Побара од Господ загинатите да ги прими во својот мир, а на тешко ранетите да им даде утеха. Папата исто така повикува божествена помош за сите оние кои им помагаат на ранетите и на крајот повикува изобилство на даровите на Духот за алжирската Црква и утеха за целиот алжирски народ.
РВ/к.мк