Папата: Сестрите треба да се грижат и за духовните и за земните потреби на луѓето

Папата: Сестрите треба да се грижат и за духовните и за земните потреби на луѓето

На средбата со монахињите кои го одржуваат своето Генерално собрание, папата Лав XIV ги повика богопосветените сестри да се грижат за целосното добро на своите ближни, и духовно и земно.

Папата Лав XIV во понеделник, 26 октомври 2026 година, се сретна со учесничките на Генералното поглавје на Сестрите на милосрдието на света Ивана Антида Туре.

Папата ја поздрави сестра Марија Роза Мускарела, која делегатките повторно ја избраа за генерален поглавар за втор петгодишен мандат.

За време на Генералното собрание, рече Папата, едно монашко семејство прима посебен дар од Светиот Дух, практикувајќи духовно расудување и се отвора за Божјите вдахновенија, за уште подобро да му служи на Божјиот народ.

„Плодовите од вашето слушање, на Бога и една на друга, се најубавиот дар што ми го носите денес, како кошница со првини што сакаме заедно да Му ги принесеме на Господ“, рече тој.

Папата Лав потсети на харизмата на света Ивана Антида Туре, за која рече дека покажала голема љубов и почит кон наследникот на свети Петар, дури и во услови на болни недоразбирања.

Бидејќи Генералното собрание е посветено на темата „Вкоренети во Христос: Мисија во светот“, Папата ги повика Сестрите на милосрдието да Го стават единствено Христос во центарот на своите срца и мисли.

Да научите, рече тој, „да го препознавате и славите Неговото присуство во секој момент, уверени дека, тесно соединети со Него, ќе стануваме сè поблиски едни со други и поспособни да им помагаме на другите според Неговите планови“.

Папата Лав потоа ги охрабри сестрите да ја следат желбата на света Ивана и да покажуваат „грижа за целосното добро на ближниот, и духовно и земно“.

„Ова го нагласувам затоа што, во општество како нашето, кое има тенденција да ја фрагментира човечката личност, разделувајќи ги луѓето не само едни од други, туку, уште посериозно, и внатрешно во самите себе, оваа димензија на милосрдието е основна за обновување, унапредување и вистинско почитување на достоинството на секој човек, особено на најсиромашните и на оние на кои им е најпотребна помош“, рече тој. „Ценете ја, негувајте ја и ширете ја.“

Додека Црквата ја одбележува двестегодишнината од „раѓањето за небото“ на света Ивана Антида Туре, Папата изрази благодарност за присуството на конгрегацијата во 32 земји, нарекувајќи го тоа знак за начинот на кој Господ го благословувал нивниот пат низ годините.

„Продолжете ја својата работа со великодушност: таа е драгоцена во очите на Бога и на Црквата“, заклучи папата Лав. „Ви благодарам за сè што правите!“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот