Папата продолжува да закрепнува во Ватикан, потврдена Генералната аудиенција

Папата продолжува да закрепнува во Ватикан, потврдена Генералната аудиенција

Папата Лав XIV оваа недела нема да отпатува во својата резиденција во Кастел Гандолфо, туку ќе продолжи да закрепнува во Ватикан, а во среда, 21 октомври, ќе ја одржи Генералната аудиенција, соопшти Канцеларијата за печат на Светиот Престол.

Папата Лав XIV продолжува со постоперативното закрепнување во Апостолската палата и во среда наутро, 21 октомври, ќе ја одржи Генералната аудиенција.

Канцеларијата за печат на Светиот Престол ја објави оваа информација за здравствената состојба на Папата во понеделникот, по операцијата поради аденокарцином на белите дробови извршена на 13 октомври.

Папата беше отпуштен од римската болница „Џемели“ во саботата, 17 октомври, по петдневен престој во болницата.

Во неделата, Папата се појави на прозорецот на Апостолската палата за да ги поздрави околу 15.000 луѓе собрани на плоштадот „Свети Петар“, кои дојдоа да му посакаат добредојде и да му ја изразат својата близина и поддршка.

Потврдена Генералната аудиенција

Канцеларијата за печат на Светиот Престол соопшти дека Папата оваа недела ќе ја одржи Генералната аудиенција во среда на плоштадот „Свети Петар“.

Во овој момент нема дополнителни информации, вклучително и дали папата Лав, како што е вообичаено, ќе помине меѓу верниците со папамобилот.

Папата нема да отпатува во Кастел Гандолфо

Папата Лав оваа недела ќе остане во Ватикан и нема да отпатува во својата резиденција во Кастел Гандолфо, каде што од почетокот на својот понтификат вообичаено заминува во понеделник и останува до вторник навечер.

Засега, Папата ќе остане во Ватикан за да продолжи со закрепнувањето. Според неговиот хирург, професор Стефано Маргаритора, кој ја изврши операцијата и во саботата разговараше со Ватикан њуз, периодот на закрепнување би требало да трае околу десет дена.

Дополнителни информации

Се очекува Канцеларијата за печат на Светиот Престол во следните часови и денови да објави дополнителни информации за другите активности на Папата.

Засега нема потврда дали Папата ќе ја оствари планираната посета на Асизи на 27 октомври.

Предвидено е тој да го затвори настанот „Невооружен и разоружувачки мир“, организиран од Заедницата „Сант Егидиј“ по повод 40-годишнината од историската средба позната како „Духот на Асизи“, која првпат се одржа за време на понтификатот на свети Иван Павле II.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот