Во пладневното обраќање, на крајот од молитвата Ангел Господов во недела 14 август 2022 година, Папата ги посвети своите мисли на Сомалија, земја која се бори со сериозна хуманитарна криза, исто така поврзана со невидена суша во последните децении.
Смртна опасност – со овие зборови папата Фрањо ја опиша ситуацијата во која се наоѓа населението на Сомалија и некои делови од соседните земји поради хуманитарната криза која во последните денови се влоши со сушата која не е видена во овој век. Затоа, на крајот од своето пладневно обраќање, Папата поттикна да се изнајде соодветен одговор на оваа криза.
Сакам да свртам внимание на сериозната хуманитарна криза што ја погодува Сомалија и некои области од соседните земји. Населението од тоа подрачје, кое веќе живее во многу мизерни услови, сега е во смртна опасност поради сушата. Се надевам дека меѓународната солидарност ефективно ќе одговори на оваа криза – рече Папата и истакна дека е важно да не се трга погледот од драмата низ која поминуваат овие луѓе. За жал, војната го пренасочува вниманието и ресурсите, но има цели кои бараат најголема посветеност: борбата против гладот, здравјето и образованието – нагласи папата Фрањо.
Рекордна суша
Сомалија, имено, е зафатена од невидена суша. Рекордните температури во овој период го влошуваат проблемот кој отсекогаш постоел на Африканскиот рог, како и во другите делови на африканскиот континент, но сега се покажува како посериозен од кога било. Повикот за тревога беше испратен од Агенцијата за бегалци на ОН (УНХЦР) и Норвешкиот совет за бегалци (НРЦ). Од почетокот на годината, околу еден милион луѓе ги напуштиле своите домови. Во последните 40 години никогаш не е забележана појава од такви размери, што ги погодува и Етиопија и Кенија.
Монсињор Џорџо Бертин, апостолски администратор на Могадишу и бискуп на Џибути, ја потврди сериозноста на ситуацијата во Сомалија во интервју за Радио Ватикан – Vatican News. Бискупот истакна дека интервенциите ги отежнува политичката ситуација во Сомалија, односно слабата влада и неколку делови од земјата кои се во рацете на вооружени групи, како што е Ал Шабаб.
Ватикан њуз/к.мк