Папата: Почитувајте ги родителите, никогаш не ги навредувајте

Папата: Почитувајте ги родителите, никогаш не ги навредувајте

Сите деца можат да бидат среќни затоа што постигнувањето на полнотата и среќата на животот зависи од вистинската благодарност кон оние кои нѐ донеле на свет.

За среќен живот потребно е да се почитуваат родителите, е пораката на папата Фрањо која ја истакна за време на Генералната аудиенција која се одржа на плоштадот Свети Петар, на 19 септември 2018 година. Посебно се фокусираше на четвртата Божја заповед: „Почитувајќи ги татко ти и мајка ти,“ која е поврзана со ветувањето дека ќе имаме долг и среќен живот. Имено со Исус раните од детството можат да станат можност, како што тоа се случило со многу светци. Папата поттикна на помирување со својот сопствен живот, напоменувајќи да не прашуваме повеќе „зошто“, туку за кое послание Бог ме подготвил низ мојата историја?

Потребно е да ги почитуваме родителите затоа што ни го дале животот – рече Светиот Отец и продолжи: Дали сте се одалечиле од своите родители, потрудете се да им се вратите, можеби се стари… Ви го дале животот. Меѓу нас постои навиката да кажуваме лоши работи и зборови. Ве молам никогаш не ги навредувајте родителите на другите. Никогаш! Не смее никогаш да се навредуваат татко и мајка! Никогаш! Донесете ја во себе таа одлука. Од сега па понатаму никогаш нема да навредувам нечија мајка или татко. Му го дале животот! Не смеат да се навредуваат.

Точно е дека лузните од детството го одбележуваат целиот живот, тие се како „неизбришливо мастило“ кое се изразува во вкусот и однесувањето – рече папата Фрањо и објасни: Се работи за илјадагодишна мудрост која го изразува она што химанистичките науки го откриле дури пред нешто повеќе од сто години. Имено, често е лесно да се разбере дали некој пораснал во здраво и балансирано опкружување, или искусил „напуштање и насилство.“

Четвртата Божја заповед не бара родителите да бидат совршени затоа што ветувањето за среќа е поврзано со однесувањето на децата без оглед на тоа какви се тие кои нѐ родиле – рече Папата напоменувајќи ја важноста за однесувањето на децата без оглед на заслугите на родителите и истакна: Иако сите родители не се добри и сите детства не се мирни, сите деца можат да бидат среќни, затоа што постигнувањето на полнотата и среќата на животот зависи од вистинската благодарност на оние кои нѐ донеле на светот.

Многу светци после тешкото детство живееле живот исполнет со светло затоа што благодарение на Исус Христос се помириле со својот живот – потсети Светиот Отец и наброи примери: блажен Суплициј кој следниот месец ќе биде прогласен за светец, умира многу млад, се помирил со многу страдања, и никогаш не се откажал од своите родители; свети Камило де Лелис после неуредното детство изградил живот на љубов и служење; света Џузепина Бакхита растела во страшно ропство; блажен Карло Гночи сирак и сиромав, и свети папа Иван Павле II. кој ја загубил мајката во детството.

Имено Бог повторно раѓа одозгора и во мистериозните делови од нашиот живот влегува светло кога откриваме дека Бог секогаш нѐ подготвувал за живот за свои деца чие секое нивно дело е послание кое сме го примиле од Него – рече Папата и додаде: Нашите рани се претвораат во можност кога преку милостите ја откриеме вистинската мистерија, не е повеќе „зошто“ туку „за кого“ тоа ми се случило. За кое дело Бог ме подготвувал низ мојата историја? Овде сѐ се свртува, сѐ станува драгоцено, сѐ станува конструктивно. Како моето искуство, иако тажно и болно во светлото на љубовта станува за другите, за некого, извор на здравје? После тоа можеме да започнеме да ги почитуваме своите родители во слободата на возрасни деца и со милосрдно прифаќање на нивните граници – заврши Папата.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот