Папата: Постои нераскинлива врска помеѓу етиката и економските системи

Папата: Постои нераскинлива врска помеѓу етиката и економските системи

На 26 мај 2018 година, Светиот Отец во аудиенција ги прими членовите на фондацијата „Centesimus Annus Pro Pontifice,“ која пред 25 години ја основа свети папа Иван Павле II.

Постои нераскинлива врска помеѓу етиката и економските системи – истакна папата Фрањо примајќи ги во аудиенција учесниците на овогодинешната меѓународна конференција под покровителство на фондацијата „Centesimus Annus Pro Pontifice,“ по повод одбележувањето на 25-тата годишнина од нејзиното основање во 1993 година.

Моменталните тешкотии и кризата внатре во глобалниот економски систем поседуваат неспорна етичка димензија: поврзани се со менталитетот на егоизмот и исклучувањето кои делотворно ги создаде културата на отфрлање која е слепа за човечкото достоинство на оние најранливите – предупреди Светиот Отец и продолжи: Тоа го гледаме во порастот на „глобализацијата на рамнодушноста“ пред очигледните морални предизвици со кои се соочува нашето човечко семејство. Посебно мислам на бројните препреки за интегралниот човеков развој на толку наши браќа и сестри, не само во материјално сиромашните земји, туку и меѓу изобилно развиениот свет. Исто така мислам на итните етички проблеми поврзани со глобалната миграција – рече Папата.

Вашата фондација игра клучна улога во донесувањето на светлото на евангелската порака во оние итни хуманитарни грижи како и во помагањето на Црквата да го оствари тој важен аспект на своето послание – истакна папата Фрањо. Продолжувајќи да се залага кај бизнис и финансиските лидери, како и кај синдикалните службеници и другите во јавниот сектор, сакате да загарантирате дека внатрешната социјална димензија на сите економски активности се штити на соодветен начин и дека делотворно се промовира – рече Папата.

Добивката и општествената одговорност

Премногу често се развива трагичната и лажна дихотомија, слична на вештачкиот јаз помеѓу науката и верата, помеѓу етичкото учење на нашите верски традиции и практичните грижи на денешната бизнис заедница – рече Светиот Отец и продолжи: Но, постои природно кружно движење помеѓу добивката и општествената одговорност. Всушност, постои нераскинлива врска помеѓу етиката која го почитува човекот и општото добро и актуелната функционалност на секој економско финансиски систем. Накратко, етичката димензија на општественото и економското меѓуделување не може да се воведе во општествениот живот и активност од надвор, туку мора да произлезат одвнатре. Тоа секако е долгорочна цел која бара посветеност на сите луѓе и институции внатре во општеството – рече Папата.

Семејството и младите

Коментирајќи ја потоа темата на конференцијата која гласи „Нови политики и начини на живот во дигиталното време“, папата Фрањо рече дека еден од предизвиците поврзан со таа тема е заканата со која семејството се соочува во облик на несигурни работни можности и влијанието на дигиталната културна револуција. Како што подготвителниот процес за овогодинешната синода за млади објасни, станува збор за клучно подрачје во кое е потребна делотворна солидарност од Црквата – рече Светиот Отец и продолжи: Вашиот личен придонес претставува привилегиран израз на црковната грижа за иднината на младите и семејството. Навистина тоа е активност во која екуменската соработка е од посебна важност и присуството на патријархот Вартоломеј на вашата конференција е елоквентен знак на таа заедничка одговорност.

Потоа напомена дека со споделувањето на своето звање и искуство и правејќи го познато богатството на социјалната наука на Црквата, тие се стремат да ја обликуват свеста на лидерите во политичките, општествените и економските сектори. Ве поттикнувам да бидете упорни во тие напори кои придонесуваат за градење на глобална култура на економска правда, еднаквост и инклузивност – заврши папата Фрањо.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот