Светиот Отец апелираше да се положи оружјето, да се воспостави велигденско примирје и да се бара мир преку вистински преговори.
Како што си спомнуваме во молитвата Ангел Господов, на Благовештението, ангелот Гаврил и вели на Марија: За Бога ништо не е невозможно. Ништо не е невозможно за Бога, дури ни да стави крај на војна чијшто крај не се гледа, војна која секојдневно донесува брутални масакри и брутални ѕверства врз невооружени цивили, рече Папата по светата Литургија на Цветници, недела 10 април 2022 година, пред молитвата Ангел Господов.
Тој ја изрази својата близина и со народот на Перу, кој поминува низ тежок момент на социјална тензија и повика што поскоро да најде мирно решение за доброто на земјата.
Во деновите пред Велигден се подготвуваме да ја прославиме победата на Господ Исус Христос над гревот и смртта. Над гревот и над смртта, нагласи Папата, не за некого и против некој друг. Денес е војна затоа што на тој начин сакаме да победиме, на световен начин, со кој пак само се губи.
Христос го носеше крстот за да не избави од власта на злото, умре за да владее со животот, љубовта и мирот.
„Положете го оружјето, започнете со велигденското примирје, но не повторно за да го наполните оружјето и да продолжите со борбата, не! Примирје за постигнување мир, преку вистински преговори, подготвени и да се направат некои жртви за доброто на народот“.
Каква победа ќе има оној што ќе го постави знамето на куп урнатини, праша Папата. Ништо не е невозможно за Бога, повтори тој, на кого се доверуваме преку застапништво на Пресвета Богородица.
Ватикан њуз/к.мк