Папата Фрањо утрото на 31 мај 2019 година отпатува на своето 30. Апостолско патување надвор од Италија, при што ќе ја посети Романија
Авионот со кој патува Светиот Отец полета од римскиот аеродром Фумичино во 8.16 часот, а пристигнувањето во Букурешт е предвидено во 11.30 часот по локално време. Пред заминувањето Папата во Ватикан се сретна со група од петнаесет бездомници со романско потекло, кои живеат во Рим.
На Апостолското патување, кое ќе се одржи со мотото „Да чекориме заедно“, ќе престојува од 31 мај до 2 јуни и ќе ги посети градовите Букурешт, Јаши и Блаж, како и Маријанското светилиште Шимулеу Чиук.
На првиот ден на програмата е посета на претседателот Клаус Јоханис, средба со премиерката Виорица Данчила, како и со политичари, претставници на граѓанското општество и Дипломатскиот кор. Во попладневните часови Светиот Отец во седиштето на патријаршијата ќе се сретне со патријархот на Романската православна црква, патријархот Даниел, а потоа и со членовите на Синодот. Во 16.00 часот заедно ќе молат Оче наш во новата православна катедрала. На крајот од првиот ден во Романија, Папата ќе служи света Литургија со почеток во 17.10 часот во Католичката катедрала Свети Јосиф.
На третиот ден од посетата Светиот Отец ќе прогласи седум источно католички епископи за маченици
Логото на патувањето на Папата во Романија го претстаува „Божјиот народ“ кој „чекори под заштита на Мајката Божја“. Имено Романија често пати се нарекува „градина на Мајка Божја“, израз кој исто така го има користено свети Иван Павле II. за време на посетата на таа земја во 1999 година. Во логото се користени бои од националното знаме: сина, жолта и црвена.
Ватикан њуз/к.мк