Папата одговараше на прашања на студенти од Јапонија

Папата одговараше на прашања на студенти од Јапонија

На 18 декември 2017 година, папата Фрањо по пат на директна видео врска се обрати на студентите од универзитетот „Софија“ во Токио, притоа изразувајќи ја својата загриженост затоа што младите можат да ги загубат своите корени и сеќавања.

Младите без корени немаат способност да се развиваат – предупреди Папата, одговарајќи на прашање на младите. Светиот Отец рече дека најдобар начин како да се пронајдат корените е по пат на меѓугенерациски дијалог; така повторно ќе се открие мудроста на старите и ќе се врати историјата и сеќавањето.

Истовремено младите не смеат своите сеќавања, своето наследство да го чуваат во плакарот, туку треба да ги вклучат во дијалогот со сегашноста, свртувајќи го погледот кон иднината. Тие корени соочени со предизвиците на сегашноста ќе донесат плод, утре ќе цветат – рече Светиот Отец, додавајќи дека младите луѓе не можат мирно да стојат, туку треба постојано да бидат во движење и да одат уште понатаму затоа што со нив во целост се менува светот.

Одговарајќи на прашање за јапонскиот образовен систем кој се стреми да изгради конкурентно општество, односно кое создава мажи и жени чија цел е единствено да направат кариера, Папата предупреди на опасноста од образование кое е во служба на меритократијата. Заслугата е многу важна, но ако се стави во центарот… станува збор за меритократско општество во кое понекогаш прави многу лоши работи за да се успее – рече папата Фрањо и продолжи: Образовниот систем кој нѐ насочува кон служење на другите е образование кое се стреми кон неуспех. Потоа потсети на мотото на спомнатиот јапонски универзитет кое гласи „Образование за другите“, универзитет за другите, универзитет за служење. Тоа е големо богатство – истакна Светиот Отец.

Освен тоа Папата ја истакна и важноста на религијата за одржувањето на рамнотежата меѓу народите и земјите, а предупреди истотака и на опасноста од фундаментализам. Религијата не е театарска иновација – објасни Светиот Отец – туку секоја религија помага за да се расте. Сетете се само на големите мажи и жени во историјата на човештвото. Тие биле религиозни луѓе. Секоја вистинска и веродостојна религиска димензија ти помага да растеш и додека те учи како да се надминеш самиот себе, воедно те поучува да се ставиш во служба на другите.

Ако сретнеме човек кој вели дека е религиозен, а не „расте“ и не е во служба на другите – продолжи папата Фрањо – тогаш тој човек не е религиозен, туку е идолопоклоник. Станува збор за луѓе кои бараат начини како да се добие нешто од таа верска положба – рече Папата и предупреди: Ако христијанинот не се поклонува на Бог и не им служи на другите, тогаш не е христијанин. Осврнувајќи се потоа на феноменот фундализам, Светиот Отец потврди дека секоја вероисповед има мала фундаменталистичка група која не одговара на религискиот идеал и води до екстремистички дела.

Папата Фрањо зборуваше и за двете теми кои му се на срцето: животната средина и бегалците. Кога станува збор за првото прашање, Светиот Отец рече дека човештвото е соочено со следната дилема: или животната средина ќе се сфати сериозно или ќе оди кон работ на самоуништувањето. Мораме да бидеме одговорни и да се грижиме за нашата Земја. Коментирајќи го сечењето на шумите во Амазонија и на другите големи шуми, предупреди дека тоа ќе создаде огромна нерамнотежа.

Потоа Папата зборуваше против економските интереси кои гледаат само на себе самите. Не можеме да бидеме само во служба на парите – истакна Папата. Изгледа дека единствено важни се само финансиите и парите. Тие се во центарот на вниманието, а сè друго се жртвува заради нив. Понатаму еколошката нерамнотежа има влијание на општествената нееднаквост, создавајќи така ново сиромаштво – предупреди папата Фрањо.

Зборувајќи пак за бегалците, Светиот Отец повтори дека денес е посебно важен проблем, а воедно и најголема трагедија после Втората светска војна. Станува збор за итна ситуација со која треба соочување исто така затоа што не може да се одбие човек кој бега од гладот, насилството и војната. Навистина, тој е човек кој треба да го примиме и интегрираме, гарантирајќи му образование и работа, а притоа да не се стави во гето.

Папата Фрањо во тој контекст предупреди дека токму изолацијата може да биде опасноста за мирот, тако што поттикнува терористички групи. Потоа Папата додаде дека мигрантите мора да ги почитуваат законите на општеството кое ги прима, неговата историја. Коментирајќи ја пак „демографската зима на Европа“, рече дека Европјаните немаат деца и на тоа место порано или подоцна ќе дојдат новодојденци. Интеграцијата е начин на кој тој феномен ќе се оствари без трауми.

Светиот Отец на крајот од разговорот со јапонските студенти изрази длабока надеж дека ќе ја посети нивната земја и нивниот народ кој е богат со идеали, со длабока религиозна способност. Станува збор за работен народ кој претрпел многу, но истовремено тоа е култура на претерана конкуретност и меритократија, како и конзумизам – предупреди. Јапонија е голема земја на која ѝ се восхитувам – рече Папата. Секако дека сакам да дојдам, веќе примив официјална покана. Меѓутоа не знам дали ќе можам наскоро да ве посетам или не, затоа што треба да одам на многу патувања. Но, станува збор за народ кој многу го сакам. И среќен сум што имате вакви иницијативи за дијалог, за потрага. И понатаму бидете „немирни“ и со тоа ќе ја спасите вашата милениумска култура – заврши папата Фрањо.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот