Папата: Никогаш не го поврзувајте Божјото име со војна

Папата: Никогаш не го поврзувајте Божјото име со војна

Одговарајќи на писмо објавено во списанието „Пјаца Сан Пјетро“, папата Лав XIV нагласи дека мисијата на Црквата е да повикува на мир и гласно да ги осудува оние што ја злоупотребуваат религијата за свои цели. „За жал, ова искушение да се оскверни Божјото име ги погодува и оние што се изјаснуваат како христијани“, предупреди Папата.

„Поетски слики“ — така Папата ги нарекува зборовите со кои Рафаеле од Катанија се обраќа во своето писмо до списанието „Пјаца Сан Пјетро“.

Во писмото, читателот поставува болни прашања: „Како може да се пролева невина крв повикувајќи се на Бога? Како може името што треба да обединува да се претвори во инструмент на поделба и смрт?“ Овие прашања водат и кон уште подлабоко размислување: зошто човекот толку често ја избира омразата наместо љубовта?

Папата Лав XIV одговара потсетувајќи на невините жртви предизвикани од ракети, беспилотни летала и оружје во Украина, на Блискиот Исток и во други делови од светот.

„Од почетокот на мојата служба“, нагласува Папата, „го повикувам дарот на разоружан и разоружувачки, смирен и истраен мир.“

Тоа е мирот што доаѓа од Христос и за кој Црквата мора да сведочи. „Црквата е посветена на проповедање дијалог. Не може да биде поинаку“, истакнува Светиот Отец.

Искушение за да се оскверни Божјото име

„На некои моќници од овој свет“, пишува Папата, „можеби нема да им се допадне тоа. Тие ќе се обидат да прават разлики, да ги прикриваат своите воено намери со религиозни оправдувања.“

Но, додава папата Лав, мисијата на Црквата и мисијата на Петровиот наследник „не може да биде ништо друго освен повик на мир“.

Истовремено, Црквата мора „силно да го осуди секој што се осмелува да го поврзе Божјото име со воени дејствија“.

Божјото име, нагласува Папата, не смее да се осквернува со желба за доминација, со ароганција и дискриминација. Пред сè, никогаш не смее да се повикува за да се оправдаат одлуки и дела што носат смрт.

„За жал“, продолжува Папата, „ова искушение да се оскверни Божјото име ги погодува и оние што тврдат дека се христијани.“

Да се оди по патиштата на мирот

На крајот, Римскиот епископ повторно повикува на „разоружување на зборовите“ и ги охрабрува христијаните да не дозволат зборовите на верата да бидат вовлечени во политички борби, во благословување на национализми или во религиозно оправдување на насилството и вооружената борба.

Папата повикува да се негуваат молитвата, духовноста, екуменскиот и меѓурелигискиот дијалог како патишта кон мирот и како јазици на средба меѓу традициите и културите.

„Ова е неизбежна обврска за сите нас христијани!“, порача папата Лав XIV.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот