Христос дојде на овој свет не за да го оствари своето дело сам, туку со сите нас – истакна папата Фрањо во проповедта на светата Литургија во чилеанскиот град Икике, која ја служеше на 18 јануари 2018 година.
Осврнувајќи се на прочитаниот дел од Евангелието според Иван кое зборува за свадбата во Кана, Папата истакна дека во тоа празнично расположение Евангелието ни го прикажува делувањето на Пресвета Богородица.
Таа е внимателна на сè што се случува и како добра мајка забележува дека во таа споделена радост нешто се случува; некако започнало да се „разводнува“ славењето. Затоа се обраќа на својот Син и единствените зборови кои ги изговара се: „Немаат вино“ – рече Папата и додаде дека Марија така поминува и во нашите населби, улици, проштади, нашите домови и болници. Поминува во сите наши проблеми за да се приближи до увото на Исус и да Му каже: види, „немаат вино.“
После тоа Марија останува во тишина, се приближува до слугите и им вели насамо: „Сè што ќе ви рече, направете!“ Марија, жена со малку зборови, но многу конкретни, се приближува до секој од нас за да ни каже: „Сè што ќе ви рече, направете!“ – рече Папата и објасни дека на тој начин се отвора патот до првото Исусово чудо: Тој им дава на своите пријатели да почувствуваат дека и тие учествуваат во чудото. Бидејќи – истакна – Христос дојде на овој свет, не за да го оствари своето дело сам, туку со нас, со сите нас, за да биде главата на големото тело чија живи, слободни и активни клетки сме ние.
Напоменувајќи потоа дека Икике е таа „земја на соништата“, секогаш знаела да ги угости луѓето од различни народи и култури, кои биле принудени да ги напуштат своите семејства и да тргнат на пат, папата Фрањо ги поттикна присутните да направат сè за таа земја и понатаму да биде земја на радосното гостопримство. Бидејќи – додаде – знаеме дека нема христијанска радост ако се затвора вратата; нема христијанска радост кога другите се чувствуваат како да се вишок или како меѓу нас да нема место за нив.
Да настојуваме да научиме да бидеме внимателни, како Марија во Кана, на нашите плоштади и во нашите населби, и да ги препознаеме оние кои имаат „разводнет“ живот; кои се загубиле или некој ги лишил од причината за славење. И да не се плашиме да го дигнеме гласот за да кажеме: „Немаат вино.“ Да бидеме внимателни на сите неправди и на новите облици на искористување заради кои голем број наши браќа ја губат радоста на славењето. Да бидеме внимателни пред несигурноста за работа која ги уништува живототите и семејствата.
Да бидеме внимателни – продолжи Светиот Отец – на оние кои ја искористуваат нерегуларноста на голем број мигранти, затоа што не го знаат јазикот и немаат уредни документи. Да бидеме внимателни на голем број семејства кои немаат дом, земја и работа. И да кажеме со вера како Марија: немаат вино – рече Папата и ги поттикна сите да настојуваат да научат и да дозволат да ги исполнат вредностите, мудроста и верата кои мигрантите ги носат со себе. Да не се лишуваме од добрата кои можат да ни ги пружат. И да му дозволиме на Исус да го доврши чудото, претворајќи ги нашите заедници и нашите срца во жив знак на своето присуство – истакна на крајот папата Фрањо.
РВ/к.мк