Во видеопорака до десеттиот Австриски светски самит, што се одржа во вторник, 16 јуни 2026 година, во Виена, папата Лав XIV ја нагласи важноста на верата, надежта и милосрдието во справувањето со деградацијата на животната средина. „Размислувањето дека светот е создаден од Бога ја зголемува нашата одговорност да се грижиме за него“, порача Папата.
Верата, надежта и милосрдието — трите богословски добродетели што ја обликуваат основата на христијанскиот живот — можат да помогнат во решавањето на „еколошкото прашање“, кое не е само „секторско прашање“, туку симптом на пошироката современа социо-економска криза.
Ова го истакна папата Лав XIV во видеопорака на англиски јазик, упатена до Австрискиот светски самит, кој годинава се одржува по десетти пат во Виена во палатата „Хофбург“.
Меѓународниот собир, организиран од Климатската иницијатива „Шварценегер“, основана од политичарот и актер Арнолд Шварценегер со цел борба против загадувањето и заштита на планетата, годинава се одржува под мотото „Ние сме незапирливи“.
Светот е Божјо создание
Во видеопораката, Папата го нарече „суштински“ придонесот што религиозната димензија и верата можат да го дадат во борбата против климатската криза.
„Оние што веруваат дека нашиот свет е создаден од Бога и дека по својата природа е добар, се поттикнати да преземат уште поголема одговорност да се грижат за создаденото, како што тоа го бара нивната вера“, рече Папата.
Енцикликата Laudato si’ на папата Фрањо, која ја цитира папата Лав XIV, потврдува дека „да се биде чувар на Божјото дело“ е составен дел од христијанското искуство.
Папата истакна дека и другите религии ја споделуваат идејата дека животот е свет и дека мора да се почитува. Затоа, верата „ја зајакнува заедничката желба за заштита на животот и грижа за природата“.
Климатската и еколошката криза, според него, има „длабоки етички основи“. Како што нагласува и во својата неодамна објавена енциклика Magnifica Humanitas, еднаквото достоинство на сите човечки суштества и вредноста на основните човекови права — вредности загрозени од климатските промени — треба да се заштитат преку зајакнување на принципите на општото добро, солидарноста и социјалната правда.
Надежта што го победува стравот
Папата потоа се осврна на добродетелта надеж и на нејзиниот придонес во справувањето со оваа социо-економска криза.
„Недостатокот на почит кон создаденото“ и „грабежот на природните ресурси“ претставуваат опасност за мирот, предупреди папата Лав XIV. Тоа е реална закана што загрижува многу луѓе, но и политичарите во нивната работа на размислување, преговарање и донесување одлуки.
Папата нагласи дека денес често доминира стравот: страв од „промена на курсот“, страв од „губење на моќта“ и страв од „неизвесните исходи“ на промените.
Но Светото Писмо, рече тој, може да ја поддржи храброста потребна за вистинските одлуки.
„Библијата е полна со примери за тоа како човечките стравови можат да бидат надминати со надеж, која во крајна линија е дар од самиот Бог“, истакна Папата.
Затоа, и покрај негирањата и цинизмот, надежта може да биде силна движечка сила.
Општото добро пред профитот
Папата нагласи дека надежта мора да биде придружена со нови приоритети. Општото добро и солидарноста треба да имаат предност пред профитот.
„Потребен ни е и развој на нова меѓународна финансиска рамка, ориентирана кон човекот“, рече папата Лав, за да се обезбеди сите земји, особено најсиромашните и оние најранливи на климатски катастрофи, да можат да го остварат својот целосен потенцијал, почитувајќи го достоинството на своите граѓани.
Милосрдието како движечка сила на промената
Таквата рамка ја истакнува потребата од добродетелта што папата Фрањо ја нарече „граѓанска и политичка љубов“, а папата Лав XIV ја препознава како „клуч за автентичен развој“.
Милосрдието и „социјалната љубов“, истакна Папата, ги поттикнуваат не само малите секојдневни гестови, туку и големите стратегии способни да го спречат уништувањето на животната средина.
На крајот од својата видеопорака, Папата ги увери учесниците на Самитот во своите молитви.
„Нека вашиот Самит биде плоден во промовирањето на толку потребниот дијалог за барање ефикасни решенија за заштита на прекрасниот дар на создаденото“, порача папата Лав XIV.
Ватикан њуз/к.мк

