Папата: На луѓето им треба Евангелието, дури и на стариот и уморен Запад

Папата: На луѓето им треба Евангелието, дури и на стариот и уморен Запад

Пред сѐ навестувајте го Евангелието. Затоа што и денес, во свет каде предизвикот на интеркултурализмот и вклученоста е жив и итен, во Црквата и надвор од неа, има многу мажи и жени на кои им е потребно евангелието. И не само во таканаречените „мисионерски земји“, туку и на стариот и уморен Запад – истакна папата Фрањо на средбата со духовниците, членови на Конгрегацијата на Светиот Дух под заштита на Безгрешното Срце на блажена Дева Mарија, основана, поточно повторно воспоставена со спојување на две верски конгрегации: Конгрегацијата на Светиот Дух (основана во 1703 година) и Друштвото на Светото Срце на Марија (основано во 1841 година). Светиот Отец во Апостолската палата во понеделик 8 мај 2023 година ги прими членовите на конгрегацијата по повод 175 годишнината од нејзиното „повторно воспоставување“.

Почетоците на конгрегацијата

Папата Фрањо посебно се осврна на историјата на првото воспоставување и на суштинските вредности на кои се заснова нивната харизма: храброста, отвореноста и посветеноста на делувањето на Духот за да се направи нешто ново. Затоа го спомна ликот на Клод-Франсоа Поларт де Плак, многу млад ѓакон, основач на Конгрегацијата на Светиот Дух, кој, поттикнат од Духот, храбро се впуштил во неочекувана авантура заедно со дванаесет колеги од семинаријата.

И покрај фактот дека тој можеше да биде добар свештеник од богато семејство, се откажа од перспективата за мирна иднина во корист на мисиите што допрва требаше да ги открие, изложувајќи се себеси на жртви, недоразбирања и противење, со многу кревко здравје што го доведе до рана смрт, уште пред тој да го види остварувањето на својот сон – рече Папата.

Имаше многу непредвидени настани, многу пречки, но неговата послушност кон делувањето на Духот сè претвори во смело „да“, благодарение на Бог, кој секој пат започнуваше нешто ново во него и преку него во другите. Во сите оние браќа кои ја продолжуваат неговата работа, подготвени да одговорат на новите знаци на времето, т.е. да им служат на сиромашните семинаристи, народни мисии, да проповедаат ad gentes во различни делови на светот, не дозволувајќи да бидат заплашени дури ни од верскиот прогон поттикнат од Француската револуција.

Со обединети сили

Тоа е убава и богата историја – забележа Римскиот бискуп, потсетувајќи се на уште еден посебен момент: второто основање, во 1848 година, односно соединувањето со Друштвото на Светото Срце на Дева Марија, основано од Франсоа Либерман. Тогаш беше неопходно да се надминат стравот и љубомората – истакна тој – но браќата од тие две семејства го прифатија предизвикот, обединувајќи ги силите и споделувајќи го она што го имаат во нов почеток. По повеќе од век и половина, плодовите се видливи, почнувајќи од раширеното присуство на конгрегацијата во 60 земји на пет континенти, со околу 2.600 монаси и учество на многу мирјани.

Благодарение на вашата подготвеност за промена и вашата истрајност, вие останавте верни на духот на вашите почетоци: евангелизирајќи ги сиромашните, прифаќајќи мисии каде што никој не сака да оди, давајќи приоритет на служењето на напуштените, почитувајќи ги народите и културите, формирајќи локално свештенство и лаици за целосен човечки развој, а сето тоа во братство и едноставен живот и истрајност во молитвата.

Молитва, храброст, внатрешна слобода

Оддалечувајќи се од однапред подготвениот текст, Папата особено ја нагласи молитвата. Важно е да се молиме, да не се занемарува молитвата, а не само формалната молитва… Молете се сериозно! – поттикна Светиот Отец. Подеднакво е важно да не се откажуваме од храброста и внатрешната слобода, кои треба да се негуваат и да станат живо обележје на нивниот апостолат, особено во овој свет кој има толку многу потреба од навестување на Евангелието.

На сите гледајте со очите на Исус кој сака да ги запознае сите – сите! Не заборавајте сите, сè, сите!, приближувајќи се посебно на сиромашните, допирајќи ги со рацете и упатувајќи го погледот во нивниот.

Дозволете да ве води Духот

Последната препорака што Светиот Отец им ја даде на присутните мисионери е да се предадат под водство на свежиот и животворен Духот, вистинскиот протагонист на секоја мисија. Дозволете му да ве просветли, да ве насочува, да ве турка каде што сака, без да поставувате услови, не исклучувајќи никого, бидејќи знае што е потребно во секој период и во секој момент – рече на крајот папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот