Папата на Генералната аудиенција: Заедница на спасени грешници

Папата на Генералната аудиенција: Заедница на спасени грешници

Во катехезата на Генералната аудиенција во среда 2 фавруари 2022 година, папата Фрањо зборуваше за општеството на светците, аспект на верата што не е секогаш добро разбран, потсетувајќи нè дека сите ние сме членови на едно Христово тело, Црквата, вклучувајќи ги и нашите покојни. Црквата не е група на совршени, туку заедница на спасени грешници.

Црквата отсекогаш негувала молитва и побожност во чест на свети Јосиф, а на неговиот лик последниве недели папата Фрањо посвети катехези на Генералните аудиенции. Денес, тргнувајќи од тоа општо чувство што го придружува овој светител, тој го прошири својот поглед на, можеби малку познатата реалност, на заедништвото, општеството на светци. Ова е важен фактор на верата што може да го збогати нашиот христијански живот и може – како што рече Папата – да го постави нашиот однос со светителите и нашите драги покојници на најдобар можен начин.

Нашата доверба во светителите има вредност во однос на Христа

Што се однесува до поимот побожност, постои разлика меѓу христијанскиот поглед и паганскиот менталитет – рече Светиот Отец, објаснувајќи дека разликата е во тоа што христијанинот не ја полага својата доверба во човечко битие или предмет, дури и ако е свет. Кога целосно ќе се довериме на застапништвото на некоја светица, или уште повеќе, на Дева Марија, нашата доверба има вредност само во однос на Христа. Патот до тој светец или до мајката Божја да не завршува таму; оди таму, но во однос на Христа.

Оваа врска што нè соединува со него и меѓу нас има посебно име – заедништво (општество) на светители. Не прават чуда светците, туку само благодатта Божја која дејствува преку нив. Чуда прави Бог, Божјата благодат делува преку светата личност, преку праведниците. Тоа треба да биде јасно – истакна Папата и додаде: Светителот е застапник, кој се моли за нас и на кого му се молиме; тој се моли за нас и Господ ни дава благодат.

Црква – „заедница на спасени“

Што е тогаш општеството на светците? – праша Папата и објасни: Според Катехизмот на Католичката црква „Црквата е токму општество на светци“. Но, дали тоа значи дека Црквата е создадена само за совршените? Не; тоа значи заедница на спасени грешници. Црквата е заедница на спасени грешници – објасни тој. Никој не може да биде исклучен од Црквата, сите ние сме спасени грешници. Нашата светост е плод на Божјата љубов пројавена во Христа, Кој нè посветува љубејќи нè во нашата беда и спасувајќи нè од неа. Благодарение на него, ние секогаш твориме само едно тело на кое Исус е глава, а ние удовите, вели свети Павле.

Поврзаност посилна од смртта

Овој приказ на телото Христово ни дава да ја разбереме врската што постои меѓу нас; ако еден член од тоа тело страда, сите страдаат; ако тој се радува, сите се радуваат. И гревот на еден се однесува за сите – истакна Папата – како и љубовта на секој поединец. Врската што постои во оваа заедница на светци е толку силна што ни смртта не може да ја раскине.

Општеството на светците, имено, се однесува не само на браќата и сестрите кои се покрај мене во овој момент од историјата, или кои живеат во овој момент, туку и на оние кои го завршија своето патување, земното ходочастие и го преминаа прагот на смртта. И тие се во заедништво со нас. Да размислиме, драги браќа и сестри, во Христа никој не може вистински да нè одвои од оние што ги сакаме; зашто таа врска е егзистенцијална, силна врска што е во самата наша природа; се менува само начинот на кој сме заедно со секој од нив, но ништо и никој не може да ја прекине таа врска. Општеството на светци ја соединува заедницата на верниците на земјата и на небото – рече Папата, додавајќи дека пријателскиот однос што го градам со братот или сестрата што е до мене, можам да го градам со брат или сестра кои се на небото.

Поддршка на пријателството со светците

На сите ни требаат пријатели кои ќе ни помогнат да продолжиме напред; а Исус ги имаше – рече Папата. Во историјата на Црквата има константи кои ја придружуваат заедницата на верници; пред сè, големата наклонетост и многу силната врска што Црквата отсекогаш ја чувствувала кон Марија, Богородица и нашата Мајка. Но и особената чест и наклонетост што таа му ја покажа на свети Јосиф. Меѓу другото Бог му го доверува најскапоценото нешто што го има: неговиот Син Исус и Дева Марија. Благодарение на општеството на светците, секогаш чувствуваме дека светците кои се наши заштитници се блиску до нас, по името што го носиме, по Црквата на која припаѓаме, по местото каде што живееме и по личната побожност – рече Папата, додавајќи дека оваа доверба секогаш е потребно да се поттикнува кога им се обраќаме во одлучувачките моменти од животот.

Свети Јосиф, помошник во невозможни случаи

Светиот Отец сакаше да ја заврши катехезата со молитва до свети Јосиф, за која е особено приврзан и кој секојдневно се моли повеќе од 40 години.

Славни патријарх Јосифе, чија моќ знае да ги направи незвоможните работи возможни, дојди ми во помош во овие моменти на вознемиреност и тешкотии. Земи ги под твоја заштита многуте сериозни и тешки ситуации кои ти ги доверувам, како би имале среќно решение.

Мој љубен оче, целата своја надеж ја вложувам во тебе. Нека не се вели дека залудно сум те повикувал“ – рече папата Фрањо  и додаде дека молитва ја завршува со повик до свети Јосиф: Бидејќи можеш сѐ да добиеш од Исус и Марија, покажи ми дека твојата добрина е исто толку голема како и твоја моќ“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот