Нашата надеж е личноста Исус Христос Кој секогаш ни е близу – рече папата Фрањо на Генералната аудиенција на 5 април 2017 година на плоштадот Свети Петар. Со тоа ја продолжи серијата катехези за христијанската надеж, а појдовна точка за размислување му беше Првото Послание на свети апостол Петар.
Светиот Отец смета дека станува збор за дело кое во себе носи извонредна сила. Тоа послание може да стави голема утеха и мир и ни помага да спознаеме дека Господ секогаш е близу, дека никогаш нема да нѐ напушти, посебно во најтешките моменти од нашиот живот. Но, која е „тајната“ на тоа послание? – праша Папата.
Тајната на посланието на свети Петар е тоа што е вкоренето во воскресното таинство, дозволувајќи ни да ја почувствуваме светлината и радоста, кои произлегуваат од Христовата смрт и воскресение. Тоа послание нѐ потсетува дека навистина Христос воскресна, дека е жив меѓу нас, дека престојува во секој од нас. Преку Крштението Господ престојува во нашите срца и нѐ обновува, исполнувајќи нѐ со својата љубов и полнотата на својот Дух. Од таа причина сме повикани да понудиме образложение на надежта која е во нас (1Пет 3, 15). Нашата надеж не е поим, ниту чувство, ниту е мобилен телефон, ниту куп богатство – истакна папата Фрањо и продолжи: Нашата надеж е личноста – Исус Христос кој го препознаваме како жив и присутен во нас и во нашите браќа затоа што Христос воскресна.
Сфаќаме дека таа надеж не се покажува толку со зборови или теоретски, туку пред сѐ со сведоштвото на нашиот живот – рече Светиот Отец. Таа надеж не смееме да се сокрива. Ако Христос е жив и престојува во нас, мораме да дозволиме преку нас да стане видлив и да делува во нас. Тоа значи дека Господ треба се повеќе и повеќе да станува наш животен пример и повикани сме да научиме да се однесуваме онака како што Тој се однесуваше. Да се прави она што Исус го правеше. Надежта која престојува во нас, не може да се сокрива во нашата внатрешност: таа би била слаба надеж која нема храброст да излезе надвор. Освен тоа Папата предупреди дека човекот кој нема надеж не може да прости, не може да ја даде утехата на простувањето.
Нашата надеж неопходно излегува надвор, земајќи единствен облик на благост, почит, милост кон ближниот, дури и простувајќи на оние кои ни направиле зло. Исус правел така и продолжува да прави преку оние кои прават места во своите срца и животи за Него, свесни дека злото не може да се надмине со зло, туку со понизноста, милосрдието и благоста – рече папата Фрањо.
Од таа причина – рече Папата – свети Петар пишува дека „ако ѝ е угодно на Божјата волја, подобро е да страдате, кога вршите добро, отколку – кога вршите лошо“ (1Пет 3, 17). Тоа не значи дека е добро да се страда, туку кога страдаме за доброто, тогаш сме во заедништво со Господ кој се согласил да страда и да биде распнат на крстот заради нашето спасение. Кога и ние прифаќаме да страдаме за доброто, како околу себе да го сееме семето на воскресението и семето на животот и во темнината да ја одржуваме светлината на Воскресението. Затоа апостолот нѐ поттикнува да не враќаме на злото со зло, на навредата со навреда, туку да благословуваме: благословувањето не е формалност, ниту знак на пристојност, туку станува збор за голем дар кој сме го примиле и кој можеме да го поделиме со браќата. Тоа е навестување на љубовта Божја, неизмерната љубов, која никогаш не престанува, никогаш не откажува и која ја сочинува вистинскиот темел на нашата надеж – истакна Светиот Отец.
Станува јасно зошто свети Петар нѐ нарекува „блажени“ кога мораме да страдаме заради праведноста. При тоа не станува збор само за морална или аскетска причина. Секој пат кога се согласуваме со последниот и маргинализираниот или кога не возвраќаме на злото со зло, туку простуваме и благословуваме, секој пат кога тоа го правиме, блеснуваме како живи и светли знаци на надежта, станувајќи така оружје за утеха и мир, според волјата Божја – рече на крајот папата Фрањо.
РВ/к.мк