Папата Лав XIV ќе ја посети Павија во чест на свети Августин

Папата Лав XIV ќе ја посети Павија во чест на свети Августин

Во сабота, 20 јуни 2026 година, папата Лав XIV ќе го посети северноиталијанскиот град Павија. Ова ќе биде трета папска посета во поновата историја на епархијата, по посетите на свети Иван Павле II во 1984 година и папата Бенедикт XVI во 2007 година.

Папата Лав XIV, кој и самиот е член на августинскиот ред, ќе отпатува во Павија особено за да им оддаде почит на моштите на свети Августин, еден од најголемите црковни отци, кои се чуваат во базиликата „Сан Пјетро ин Чиел д’Оро“.

Епархијата во Павија се подготвува за овој значаен настан преку молитви, богословски средби и литургиски иницијативи.

Епископот на Павија, Корадо Сангвинети, во пасторално писмо објасни дека посетата на Папата треба да се доживее како силен поттик за црковниот живот и за целата градска заедница. Павија е позната по својата традиција како универзитетски град, но и како важен центар на медицински институции.

Официјална програма

Според официјалната програма, по пристигнувањето со хеликоптер, Папата ќе има неколку застанувања во градот.

Најнапред ќе го посети Националниот центар за онколошка хадронска терапија (CNAO), а потоа ќе продолжи кон августинската базилика „Сан Пјетро ин Чиел д’Оро“, каде што се наоѓаат моштите на свети Августин.

Потоа е предвидена посета на катедралата, каде што Папата ќе се сретне со деца и со локалната јужноамериканска заедница. По ова, тој ќе се сретне со верниците на плоштадот „Пјаца дела Виторија“.

Патувањето ќе продолжи и во градот Сант’Анџело Лодиџано.

„Папата доаѓа како поклоник кај свети Августин“

Во интервју за ватиканските медиуми, епископот Сангвинети ја нагласи важностa на свети Августин за денешниот човек.

„Бевме изненадени колку брзо Папата одлучи да дојде во Павија. Ова е дар за Црквата и за градот Павија, бидејќи Папата доаѓа како ходочесник кај свети Августин, но доаѓа и да ја посети нашата Црква и нашиот град“, рече епископот.

Според него, животниот пат на свети Августин, неговите духовни барања и егзистенцијални прашања се многу блиски и до денешните млади, особено до студентите.

Затоа, локалната пасторална грижа за младите е силно насочена кон универзитетската средина. Во таа насока се обезбедуваат простори за учење и средби во семинаријата и во поранешните парохиски сали, а се организираат и посебни неделни богослужби.

Подготовка преку молитва

Епископот Сангвинети објасни дека во последните недели епархијата се подготвува за посетата преку молитва и размислување.

„Се обидовме да ги усогласиме нашите срца со оваа средба. Папата, во светлината на верата, е наследник на Петар, кој доаѓа да нè зајакне во верата, да нè поддржи и да нè охрабри во нашето сведоштво за Евангелието“, истакна тој.

Тој додаде дека Папата е и личност со универзално признат авторитет, чија посета има значење не само за верниците, туку и за пошироката заедница.

Зголемен број ходочесници

Од изборот на папата Лав XIV, бројот на посетители и ходочесници на гробот на свети Августин значително се зголемил, велат августинските монаси кои се грижат за ова свето место.

Епархијата во Павија веќе подолго време ги користи учењата на свети Августин како темел за пасторални размислувања и како подготовка за претстојната Света Година.

Епископот Сангвинети изрази надеж дека посетата на Папата ќе ја зајакне свеста за христијанската традиција на градот и ќе даде нов поттик за општествениот и културниот живот во современиот, секуларен контекст.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот