Медалот за одржливост „Папа Лав XIV“, ново меѓународно признание востановено од Универзитетот „Виланова“, ќе им се доделува на личности со извонредно лидерство во областа на одржливоста и интегралниот човечки развој. Првпат ќе биде доделен на Меѓународната конференција за одржливост „Виланова“ во 2026 година, во Рим и Кастел Гандолфо, а ќе го врачи самиот Свети Отец.
Универзитетот „Виланова“ и неговата Канцеларија за одржливост го востановија Медалот за одржливост „Папа Лав XIV“, ново меѓународно признание со кое ќе се оддава почит на личности чие лидерство придонело за унапредување на одржливоста, еколошката одговорност и интегралниот човечки развој.
Како што објасни Универзитетот во соопштението, медалот има за цел да им оддаде признание на оние чија работа покажува целосна визија за одржливоста, обединувајќи ја грижата за животната средина, социјалната правда, грижата за ранливите лица и одговорното управување со економските и природните ресурси.
Американскиот августинијански универзитет нагласи дека признанието ја вреднува интегралната екологија, а не само техничките показатели.
Добитниците ќе можат да доаѓаат од различни области и дисциплини, а ќе бидат избирани според нивното докажано влијание во градењето поодржлив и поправеден свет.
Конференција за одржливост во октомври
Првиот Медал за одржливост „Папа Лав XIV“ ќе го додели Светиот Отец во Кастел Гандолфо за време на Меѓународната конференција за одржливост „Виланова“, која ќе се одржи од 12 до 15 октомври 2026 година под наслов „Одговор на плачот на Земјата и на сиромашните“.
На конференцијата ќе учествуваат околу 300 учесници, меѓу кои академици, истражувачи, претставници на Црквата, фондации, како и лидери од јавниот и приватниот сектор. Таа е замислена како трансдисциплинарен форум што треба да го надмине дијалогот и да поттикне конкретна соработка и дејствување.
Името на првиот добитник ќе биде објавено во септември 2026 година, пред конференцијата и официјалната церемонија на доделување во Борго Laudato si’ во Кастел Гандолфо.
„Медалот за одржливост ‘Папа Лав XIV’ го одразува вкоренетото уверување на Универзитетот ‘Виланова’: дека грижата за нашиот заеднички дом и грижата еден за друг се неразделни“, изјави претседателот на Универзитетот „Виланова“, отец Питер М. Донохју.
„Со тоа што им оддаваме признание на лидери чија работа ги унапредува и грижата за животната средина и општото добро, се надеваме дека ќе поттикнеме значајно и трајно влијание врз заедниците ширум светот“, додаде тој.
Папата Лав XIV како поранешен студент на „Виланова“
Папата Лав XIV, тогаш Роберт Ф. Превост, дипломирал математика на Универзитетот „Виланова“ во 1977 година. Универзитетот подоцна, во 2014 година, му доделил и почесен докторат по хуманистички науки.
Медалот ќе го доделува Универзитетот „Виланова“ на секои две години, како дел од својата посветеност на унапредување на глобалните иницијативи за одржливост и поттикнување на интегралната екологија.
Признанието ќе биде дел од официјалната програма на Меѓународната конференција за одржливост „Виланова“.
За првото издание во 2026 година, номинираните биле избрани преку процес на разгледување спроведен од членовите на Советот за лидерство за одржливост на Универзитетот.
Нераскинлива врска меѓу грижата за создадениот свет и човечкото достоинство
Меѓународната конференција за одржливост во 2026 година ќе се одржи во Патристикум во Рим и Центарот за високо образование Laudato si’ во Борго Laudato si’ во Кастел Гандолфо.
Конференцијата се организира во дијалог со повеќе институционални партнери, меѓу кои Дикастеријата за промовирање на интегрален човечки развој и Центарот за високо образование Laudato si’. Центарот беше основан од папата Фрањо за да промовира интегрална еколошка формација, образование за одржливост и иницијативи вдахновени од енцикликата Laudato si’.
Кардиналот Фабио Баџо, генерален директор на Центарот за високо образование Laudato si’, ја поздрави иницијативата, велејќи дека Медалот за одржливост им оддава почит на личности „чии животи сведочат за нераскинливата врска меѓу грижата за создадениот свет и унапредувањето на човечкото достоинство, вкоренета во светлината на нашата вера“.
„Со признавањето на оваа извонредна посветеност“, рече кардиналот Баџо, „Медалот ги истакнува лидерите чиј пример ги инспирира идните генерации да ја прифатат интегралната екологија, која со надеж одговара и на плачот на Земјата и на плачот на сиромашните.“
Ватикан њуз/к.мк

