Папата Лав XIV повторно го потврди ставот на Католичката црква против смртната казна, потсетувајќи дека општото добро може да биде „заштитено, а барањата на правдата исполнети и без прибегнување кон смртна казна“.
Папата Лав XIV на својот официјален профил на социјалната мрежа X објави дека Католичката црква ја смета смртната казна за „недопуштена, бидејќи претставува напад врз неповредливоста и достоинството на личноста“.
Во објавата во саботата, 10 октомври 2026 година, по повод Светскиот ден против смртната казна, Папата истакна дека правдата може да биде задоволена, а општото добро на човештвото заштитено и без прибегнување кон смртна казна.
Тој нагласи дека сторителите на кривични дела можат ефикасно да бидат лишени од слобода за да се заштитат граѓаните, а притоа на виновните да не им биде целосно одземена можноста за покајание и промена.
„Смртната казна е недопуштена затоа што претставува напад врз неповредливоста и достоинството на личноста. Општото добро може да биде заштитено, а барањата на правдата исполнети и без прибегнување кон смртна казна: развиени се ефикасни системи за лишување од слобода кои ги штитат граѓаните, а истовремено на виновните не им ја одземаат целосно можноста за откупување. #NoDeathPenalty“, напиша папата Лав.
Објавата на Папата следуваше еден ден откако државниот секретар на Светиот Престол, кардинал Пјетро Паролин, и претседателот на Конференцијата на католичките епископи на Соединетите Американски Држави се изјаснија против планираното јавно погубување на Нидал Хасан.
Хасан беше осуден за убиство на 13 лица и ранување на уште 32 во воената база Форт Худ во ноември 2009 година. Воен суд во 2013 година му изрече смртна казна.
Во четвртокот, Пентагон соопшти дека неговото погубување со стрелачки вод е закажано за 3 декември 2026 година, иако натамошните правни постапки би можеле да го одложат извршувањето на казната.
Во разговор со новинарите во петокот, кардиналот Паролин рече дека плановите погубувањето да се пренесува во живо се неприфатливи.
„Навистина е неразбирливо што некој во денешно време би сакал да прибегне кон ваков начин“, рече тој. „Не знам со каква цел. Секако дека е неприфатливо смртта да се претвора во спектакл. Колку и да е виновна една личност, постојат други начини.“
Тој повторно нагласи дека смртната казна „е неспоива со човечкото достоинство и не претставува средство за одвраќање од злосторства“.
Претходно во петокот, надбискупот Пол Коукли, претседател на Конференцијата на католичките епископи на Соединетите Американски Држави, изрази „шок и голема тага“ и повика одлуката повторно да биде разгледана.
„Постапките на Хасан на никаков начин не можат да бидат оправдани, но оваа одлука претставува варварско промовирање на културата на смртта и мора повторно да се разгледа“, изјави тој и предупреди дека јавното погубување би го поткопало моралното ткиво на општеството и изрази надеж дека Американците секогаш ќе го избираат животот.
Ватикан њуз/к.мк

