Прифаќајќи го Медалот на слободата од Националниот уставен центар на САД, папата Лав XIV им се обрати од Рим на присутните во Филаделфија, истакнувајќи ја важноста на верската слобода, слободата на совеста и изразувањето. Тој се помоли 250-годишнината од основањето на Соединетите Американски Држави да биде повод за обновување на посветеноста кон основните идеали на земјата, особено животот и слободата.
Во април, делегација на Националниот уставен центар му го врачи на Папата Медалот на слободата за 2026 година, како признание за неговата работа во промовирањето на основните човекови права. Овие вредности се темел на американската држава и се содржани во Првиот амандман на Уставот.
Три месеци подоцна, во пресрет на 250-годишнината од Декларацијата за независност, папата Лав XIV официјално го прифати признанието и одржа говор за значењето на основачките вредности и нивната улога денес.
„Како син на оваа голема земја, ви се придружувам во молитвата Бог да ја благослови иднината на Америка, за идеалите на Декларацијата за независност да продолжат да ја водат нацијата во единство, правда и мир“, рече Папата.
Тој нагласи дека Медалот на слободата се доделува на личности кои се залагаат за ширење на слободата низ светот и изрази чест што го прима токму во оваа историска година.
Неотуѓиви права
Папата потсети дека Декларацијата за независност ја истакнува еднаквоста на сите луѓе и нивните неотуѓиви права – живот, слобода и стремеж за среќа. Овие идеи, иако формулирани во духот на просветителството, се темелат на библиското разбирање за човекот како создаден по Божји образ.
„Тука ја наоѓаме основата на човечкото достоинство, кое постои пред секоја држава и чија заштита е нејзина главна цел“, истакна тој.
Америка како симбол на слободата
Папата Лав нагласи дека во изминатите 250 години Америка станала симбол на слободата, отворајќи ги своите врати за имигранти и овозможувајќи им да придонесат за нејзиниот развој. Тој потсети и на улогата на САД во одбраната на слободата за време на светските војни.
Сепак, додаде дека патот кон општество засновано на правда и еднаквост не бил лесен и останува предизвик за секоја генерација.
Повик за обновување на идеалите
Папата ја истакна важноста на оваа годишнина како можност за размислување за основачките принципи. Тој нагласи дека правото на живот е основно, бидејќи без него не може да постои ниту слобода ниту стремеж за среќа.
„Вредноста на една нација се мери според тоа како го штити човечкиот живот во сите негови облици“, рече тој, повикувајќи на почитување на животот од зачнувањето до природната смрт.
Моралната големина на нацијата
Папата истакна дека моралната сила на една држава се гледа во нејзината грижа за најранливите. Тој додаде дека слободата отсекогаш била клучна вредност за оние што барале нов почеток во Америка.
„Желбата за вистина и слобода ги поттикнува луѓето да размислуваат за смислата на животот и за Бога“, рече тој.
Верската слобода и општото добро
Папата ја пофали долгогодишната традиција на верска слобода во САД, која им овозможува на луѓето да ја следат својата совест без страв. Тој нагласи дека оваа слобода го штити правото на поединците и заедниците јавно да ја изразуваат својата вера.
Оваа традиција, додаде тој, придонела за меѓуверски дијалог и соработка во служба на општото добро.
Повик за единство и мир
Папата изрази надеж дека јавниот говор ќе продолжи да се темели на почит и стремеж за заедничко добро. Потсетувајќи дека Америка е изградена од луѓе со различно потекло, тој нагласи дека единството било клучно за нејзиниот успех.
„Од многумина – едно“, рече тој, истакнувајќи дека трајните идеали се основа за напредок.
Папата Лав XIV ја заврши својата порака со молитва оваа годишнина да биде повод за обновување на посветеноста за човечкото достоинство, еднаквоста и правата.
„Бог да ја благослови Америка“, заврши папата Лав.
Ватикан њуз/к.мк

