Папата Лав XIV во Кастел Гандолфо повика на простување, мир и заштита на ранетите од војната

Папата Лав XIV во Кастел Гандолфо повика на простување, мир и заштита на ранетите од војната

Папата Лав XIV на 29 август 2026 година ја предводеше светата Литургија во црквата „Марија Сантисима дел Лаго“ во Кастел Гандолфо, а потоа учествуваше во традиционалната маријанска процесија на езерото Албано. Светиот Отец стана првиот Папа што се придружил на процесијата на самите води на езерото.

Во проповедта Папата се осврна на евангелскиот настан во кој Исус оди по водата и ги охрабрува исплашените ученици да имаат вера.

Тој истакна дека и современиот човек често се наоѓа среде „спротивни ветрови“, обележани со страдање, насилство, омраза и поделби. Во такви околности верата му помага на човекот да не се предаде на стравот и обесхрабрувањето, туку повторно да го пронајде мирот во Божјото присуство.

Папата нагласи дека Христос го покажува патот на љубовта преку сопственото дарување. Потсетувајќи на зборовите „Ако некој сака да оди по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот крст и нека Ме следи“, тој истакна дека само љубовта води кон вистински живот.

Посебно предупреди на последиците од омразата и насилството

„Омразата и насилството водат во уништување и смрт“, рече Папата, нагласувајќи дека тоа важи и кога човекот се чувствува повреден или неправедно третиран.

Тој ги повика верниците да не дозволат злото да ја обезличи нивната човечност и да ги расипе нивните срца.

Папата зборуваше и за вредноста на едноставните гестови на верата, молитвата и побожноста што се пренесуваат од генерација на генерација. Според него, токму преку таквите гестови христијанската заедница повторно ја открива својата поврзаност и својата мисија во светот.

По светата Литургија започна процесијата со статуата на Пресвета Богородица од Езерото. Папата се качи на бродот „Фалко“, украсен со жолти и бели цветови, и околу 25 минути пловеше по езерото Албано, придружуван од млади во кануа и други пловила.

На крајот од процесијата, додека сонцето заоѓаше над езерото, папата Лав XIV упати молитва до Пресвета Богородица за Црквата и за светот.

Тој ја нарече Марија „жена на слушањето и служењето“ и ѝ ја довери Црквата, молејќи таа да биде храбра во навестувањето на Евангелието, понизна во служењето и истрајна во љубовта.

Во молитвата посебно ги спомна народите погодени од војна. „Погледни со добрина на своите деца ранети од војната и разбуди во сите желба за мир“, се помоли Светиот Отец. Папата се помоли и за децата, старите лица, болните, семејствата, младите и сите кои живеат во осаменост.

Тој ги довери на Богородица и оние што носат одговорност во јавниот живот, молејќи секогаш да ги промовираат правдата, слободата, достоинството на секоја личност и заедничкото добро.

„Каде што расте омразата, научи нè на простување, а каде што владее стравот, врати ја надежта“, се помоли папата Лав XIV.

Процесијата заврши во молитвена атмосфера, со верниците собрани околу статуата на Пресвета Богородица, додека езерото Албано постепено го покриваше вечерната темнина.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот