Папата Лав XIV: Вештачката интелигенција мора да му служи на човекот и на општото добро

Папата Лав XIV: Вештачката интелигенција мора да му служи на човекот и на општото добро

Обраќајќи им се на учесниците на средбата посветена на вештачката интелигенција, папата Лав XIV ја нагласи важноста човечката личност да остане во средиштето на развојот на оваа технологија, за да се избегне опасноста од загрозување на општото добро и сведување на луѓето на обични податоци.

Обраќајќи им се на учесниците на средбата „Иднината на вештачката интелигенција: Дијалог меѓу Ватикан и научниот свет за развојот и примената на интелигентните технологии“, папата Лав XIV истакна дека присуството на луѓе од различни земји носи нови прашања и перспективи.

Сепак, рече тој, учесниците споделуваат „одредено чувство на нелагодност во врска со развојот на вештачката интелигенција. Ја препознаваме насоката по која треба да тргнеме, но сè уште не се прави доволно за да напредуваме“.

Загриженоста, идеите и предлозите на групата за иднината, според Папата, се „првите плодови на трансдисциплинарниот пристап“, кој станува сè попотребен за справување со сложените предизвици на денешницата.

Зборови што и денес остануваат актуелни

Папата истакна дека Папската академија за живот и Институтот за иднината на животот, кои заеднички ја организираа средбата, се „добро свесни за предизвиците што се појавуваат секогаш кога е загрозено човечкото достоинство“.

Во тој контекст, тој потсети на зборовите на папата Фрањо упатени до лидерите на Г7 во 2024 година, кога вештачката интелигенција ја опиша како „возбудлива и застрашувачка алатка“ и нагласи дека на ниедна машина никогаш не смее да ѝ се препушти одлуката дали да одземе човечки живот.

Овие зборови и денес остануваат актуелни, рече папата Лав. Осврнувајќи се на енцикликата Magnifica Humanitas, тој издвои пет клучни размислувања за вештачката интелигенција: нејзината иднина не е однапред одредена; машините се алатки, а не личности; одредени одлуки никогаш не смеат да им се препуштат на машините; интелигентните технологии мора да бидат насочени кон општото добро; а потребни се и институции што ќе ги претворат етичките принципи во конкретни правила и практики.

Која цел треба да ѝ служи вештачката интелигенција?

Иднината на вештачката интелигенција не е однапред одредена. Бидејќи луѓето ја создаваат и развиваат, нејзината иднина зависи од изборите што ги прави човештвото.

Затоа, нагласи Папата, „имаме одговорност да ги насочуваме, менуваме и, кога е потребно, да ги отфрламе нејзините примени“.

Поради тоа, вистинското прашање не е само: „Што може да направи вештачката интелигенција?“, туку пред сè: „На која цел треба да ѝ служи?“

Развојот на вештачката интелигенција, продолжи Папата, не треба да значи само стремеж кон што поголема моќ и брзина, притоа занемарувајќи ги оние што можат да останат на маргините. Сигурен систем што му служи на човекот има многу поголема вредност од систем што е исклучително моќен, но чии „последици не можат соодветно да се предвидат или контролираат“.

Нема замена за човечката личност

Второто размислување на Папата се однесува на фактот дека машините се алатки, а не личности. Тие немаат сопствени искуства, тело, чувства и односи, ниту можат вистински да ја разберат љубовта, работата или одговорноста.

Некои предлагаат на системите со вештачка интелигенција да им се признаат права или правна личност. Папата Лав предупреди дека таквиот пристап носи опасност „да се замагли човечката одговорност и оние што претрпеле штета да останат исправени пред безличен ентитет“.

Третото размислување се однесува на одлуките што никогаш не треба да им бидат препуштени на машините. Ставањето некого на список на цели или во база на податоци за гранична контрола, на пример, може да значи дека човечката личност се сведува на обична точка во системот.

„Одлуките што влијаат врз човечкиот живот, слободата и употребата на сила секогаш мора да останат предмет на ефикасен, информиран и одговорен човечки надзор“, објасни Папата.

Затоа, додаде тој, вештачката интелигенција мора да биде „разоружана“. Во тој контекст, ги охрабри државите што ќе се состанат во Женева во ноември да преземат конкретни чекори за забрана на смртоносните автономни оружени системи.

Вештачката интелигенција во служба на општото добро

Четвртото размислување е дека интелигентните технологии мора да бидат насочени кон општото добро.

„Тие никогаш не смеат да станат цел сами по себе, ниту да им служат само на интересите на мал број привилегирани“, нагласи Папата.

Според него, овие технологии треба да ги поттикнуваат солидарноста и учеството на различни нивоа во глобалната заедница, така што придобивките од технолошкиот напредок ќе бидат достапни за сите.

Последното размислување на папата Лав го претставува можеби најитниот предизвик. На светот му се потребни институции способни етичките принципи да ги претворат во конкретни правила и механизми што ќе го насочуваат развојот и употребата на вештачката интелигенција, секогаш со цел заштита на општото добро.

За тоа се потребни „заеднички стандарди, независен надзор и јасни механизми на одговорност, така што одлуките поврзани со развојот и употребата на вештачката интелигенција ќе можат да бидат проверувани, оспорувани кога е потребно и придружени со соодветни правни средства за секоја предизвикана штета“.

На крајот од своето обраќање, папата Лав XIV им се заблагодари на учесниците за нивниот придонес во областа на вештачката интелигенција и ги охрабри да продолжат да работат заедно во дух на дијалог и споделена одговорност, секогаш насочени кон општото добро.

„Ве придружувам со моите молитви и на секој од вас од срце ви го давам мојот благослов.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот