Папата Лав ја посети базиликата „Света Марија Велика“ каде се помоли на гробот на папата Фрањо
На пат кон Кастел Гандолфо, Папата застана во базиликата Света Марија Велика каде се помоли на гробот на својот претходник и пред иконата Salus Populi Romani.
Пред да се упати кон Кастел Гандолфо за својот вообичаен неделен ден за одмор, папата Лав XIV во понеделник 3 ноември 2025 година околу 20:05 часот, влезе во базиликата Света Марија Велика каде се помоли пред гробот на папата Фрањо.
На мермерната плоча – каде што секогаш стои бела роза во спомен на Света Тереза од Лизие, која беше постојано духовно присутна во животот на аргентинскиот Папа – папата Лав положи букет бели рози. Тоа беше гест на почит кон неговиот претходник, погребан помеѓу капелата Сфорца и капелата Павле. Втората е дом на иконата Salus Populi Romani, многу често посетувана од папата Фрањо пред и по секое меѓународно патување или престој во болница.
Според Канцеларијата за печат на Светиот Престол, папата Лав, исто така, застана на молитва пред иконата на Богородица пред да ја напушти базиликата околу 20:15 часот и да го продолжи своето патување кон Кастел Гандолфо.
Света Литургија за папата Фрањо
Претходно истиот ден, папата Лав служеше света Литургија на главниот олтар на базиликата „Свети Петар“ за папата Фрањо и кардиналите и епископите кои починаа во текот на изминатата година.
Со „голема љубов“, Светиот Отец ја служеше светата Литургија за својот претходник, кој, како што потсети во својата проповед, „почина откако ја отвори Светата Врата и го упати Воскресниот благослов на Рим и целиот свет. Благодарение на Јубилејот, оваа прослава добива посебно значење: носи вкус на христијанска надеж“.
Таа надеж, додаде папата Лав подоцна во своето размислување, беше онаа што папата Фрањо и другите прелати кои починаа во последните месеци „ја живееја, сведочеа и поучуваа“.
Претходни посети на гробот во базиликата Света Марија Велика
На 10 мај, само два дена по неговиот избор на Петровиот престол, папата Лав го посети гробот на аргентинскиот Папа, кој секојдневно го посетуваат бројни верници и ходочесници. Тоа попладне, новоизбраниот Папа положи цвеќе на гробот и застана неколку моменти во молитва. Тој го стори истото повторно на 22 јуни, по процесијата за празникот на Пресветото Тело и Крв Христови, која се движеше од Свети Иван Латерански до базиликата Света Марија Велика.
Ватикан њуз/к.мк

