Папата Лав XIV, во понеделник 13 април 2026 година, од аеродромот Фјумичино во Рим, го започна своето трето и досега најдолго апостолско патување, кое опфаќа четири земји на африканскиот континент: Алжир, Камерун, Ангола и Екваторска Гвинеја.
Папскиот авион полета од римскиот аеродром Фјумичино во 9:06 часот наутро, упатувајќи се кон меѓународниот аеродром „Хуари Бумедиене“ во Алжир.
На почетокот од патувањето, папата Лав го поздрави екипажот на летот, а со тоа и официјално го означи почетокот на ова десетдневно апостолско патување.
Во Алжир, Светиот Отец ќе престојува два дена и со тоа ќе стане првиот Папа што ја посетил оваа земја. Главните теми што го придружуваат ова патување се мирот, миграцијата, заштитата на животната средина, младите и семејството.
Посетата на Алжир вклучува средби со локалните власти и со монашката заедцниа Агустинци, како и посета на споменик посветен на жртвите од Алжирската војна од 1954 до 1962 година.
Во рамките на посетата, Светиот Отец ќе посети и дом за стари лица што го водат „Малите сестри на сиромашните“, а ќе ја предводи и света Литургија во базиликата „Свети Августин“ во Анаба.
Ова патување има и лично значење за папата Лав XIV, бидејќи во Алжир се наоѓа Анаба, некогашен Хипон, градот во кој Свети Августин служел како епископ од 395 година до својата смрт во 430 година.
Папата Лав веќе има искуство со посетите на африканскиот континент. Како генерален приор на Редот на Свети Августин, тогашниот отец Роберт Превост посетил повеќе африкански земји, меѓу кои Алжир, Кенија и Танзанија. Алжир го посетил двапати, во 2001 и во 2013 година.
Ватикан њуз/к.мк

