Папата Лав вели дека постои надеж за Украина, но се потребни работа и молитва

Папата Лав вели дека постои надеж за Украина, но се потребни работа и молитва

„Мораме вистински да го бараме патот, да најдеме мир“, им рече Папата на новинарите во вторник вечерта, 19 август 2025 година, пред да се врати во Ватикан од Кастел Гандолфо, каде што отпатува на 13 август.

„Постои надеж, но сепак треба усрдно да работиме, усрдно да се молиме и искрено да го бараме патот напред, да најдеме мир“, рече Папата Лав во вторник вечерта, одговарајќи на прашања на новинарите во врска со преговорите за завршување на војната во Украина. Во однос на можните разговори со одредени лидери, тој рече дека „некој“ слуша „постојано“, додавајќи: „Се молиме и се трудиме да продолжиме напред“.

Забелешките на Папата дојдоа околу 21 часот, кога ја напушти летната резиденција во Кастел Гандолфо за да се врати во Ватикан. Околу еден час претходно, Светиот Отец одвои време за да се поздрави со многуте луѓе што се собраа да го испратат. Веќе беше темно кога се појави на портата на Вила Барберини и застана да поразговара со неколку радосни верници.

Папата Лав, исто така, зборуваше за својот престој во Кастел Гандолфо, изразувајќи надеж дека наскоро повторно ќе се врати. „Да се биде тука е благослов“, рече тој. „Многу сум среќен за срдечниот прием што го добив од луѓето.“

Тој потсети на неговата посета во текот на денот „на светилиштето на Пресвета Богородица, каде што беше и папата Свети Иван Павле II“.

На крајот е запрашан за неговите први сто дена како Папа, тој истакна дека тие биле „благослов од Бога“. Во своите последни зборови пред да се качи во автомобилот што ќе го врати во Ватикан, тој рече: „Добивам многу. Длабоко верувам во Господовата благодат и сум благодарен за срдечниот пример што го добив. Ви благодарам на сите.“

Вториот престој во Кастел Гандолфо

Папата Лав се врати во Кастел Гандолфо на 13 август, откако претходно во јули таму помина нешто повеќе од две недели. Во текот на овие седум дена имаше четири средби со верниците.

На 15 август, на празникот Вознесение на Пресвета Богородица, Папата служеше света Литургија во папската парохија Свети Тома од Виланова, недалеку од Вила Барберини. Во својата проповед, тој нагласи дека она „Да“ на Марија „сè уште живее и се возобновува во мачениците на нашето време, во сведоците на верата и правдата, на нежноста и мирот“.

Подоцна, за време на молитвата Ангел Господов, осврнувајќи се на актуелните светски настани, тој ги повика верниците да не прифаќаат да се помират со „преовладувачката логика на конфликтот и оружјето“.

Денот со сиромашните и бездомниците од Албано

Минатата недела, на 17 август, беше ден исполнет со средби. Утрото, Папата ја предводеше светата Литургија во Светилиштето Санта Марија дела Ротонда во Албано, која ја служеше за сиромашните од тој регион – меѓу кои и бездомниците, жителите на прифатилиштата и групните домови во бискупијата – како и за вработените во Каритас и корисниците на советувалиштата.

За време на својата проповед, тој ги повика сите „да го донесат на свет огнот на љубовта, кој смирува и служи, кој се спротивставува на рамнодушноста со грижа и на ароганцијата со кротост; огнот на добрината, кој не бара трошок како оружјето, а сепак го обновува светот“.

Пред неделната света Литургија, Папата Лав беше пречекан од многубројни луѓе на улиците на Албано и ја посети изложбата организирана од бискупскиот Каритас, со наслов „Знаци на надежта“.

По Литургијата, Светиот Отец се врати во Кастел Гандолфо за неделната молитва Ангел Господов. На крајот од оваа молитва ги покани верниците да се придружат во молитвата „за напорите за прекин на војните и за ангажирањето за мир да вродат со плод; а во преговорите, општото добро на народите секогаш да биде ставено на прво место“.

Ручек со сиромашните

Со големо очекување беше ручекот во Борго Лаудато Си’ со стотина сиромашни, бездомници и луѓе во потреба, кои се поддржани од Каритас Албано. На почетокот од оброкот, Папата Лав потсети на важноста од заедништвото: „Овој гест е важен за сите нас – кршењето леб, делењето леб заедно – гестот преку кој Исус Христос се препознава меѓу својот народ.“

Посетата на светилиштето Менторела

На крајот, во вторник наутро, Папата Лав направи приватна посета на Светилиштето на Пресвета Богородица, Мајка на Милоста од Менторела, во Гвадањоло – мало село во Капраника Пренестина, во бискупијата Палестрина.

Папата се заддржа во молитва и запали свеќа пред статуата на Дева Марија, молејќи посебна молитва за мир во светот. Исто така, се задржа и во разговор со монасите Воскресенци, на кои им е доверена пастирската грижа за светилиштето, и им се придружи на ручек пред да се врати во Вила Барберини.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот