Папата: Каков е мојот одговор на Господ?

Папата: Каков е мојот одговор на Господ?

Ако ја вршиме волјата Божја, тоа не значи дека не можеме да се расправаме со Господ или да Му се налутиме; важно е да се биде веродостоен, да не се преправаме, и на крајот да му кажеме „еве ме“ – тоа е пораката на папата Фрањо од светата Литургија на 24 јануари 2017 година во домот Света Марта.

Во центарот на проповедта беше Посланието до Евреите. Кога Христос доаѓа на светот, говори: „Жртви и дарови Ти не посака, а Телото Ми го приготви. Сепаленици за гревот не Ти се угодни. Тогаш реков: Ете, идам, да ја извршам Боже, волјата Твоја“- Тоа Исусово Слово – рече Папата – го затвора целиот синџир на „еве ме“: целата „историја на спасението“ е всушност „историја на еве ме“: од Адам, преку Авраам, Мојсеј, Илија, Исаија, Јеремија, па сѐ до Богородичното „Еве ја слугинката Господова, нека ми биде според зборовите твои“ и Исусовото „еве доаѓам.“

Но, сите тие „еве ме“ не следувале автоматски, туку Господ разговара со оние кои ги повикува на патот и кои ги повикува на „еве ме“. Кога во Книгата за Јов читаме  за сите тие размислувања на Јов, кој ништо не разбира, и одговорите кои Господ му ги дава, со кои го исправа… и во што се состои на крајот „еве ме“ на Јов? Господи, во право си! „Бев слушал за Тебе со слухот на увото; сега, пак, очите мои Те гледаат“ (Јов 42, 5). Тоа е „еве ме“. И тоа е христијанскиот живот: „еве ме“, постојано „еве ме“ за да ја вршиме волјата Божја. Едно по друго. Убаво е во Библијата да ги читаме одговорите на луѓето кои го бараат Господ, како одговориле. Убаво е да наоѓаме такви одговори! Еве ме за да ја вршам волјата твоја.“

Денешната Литургија нѐ повикува на размислување: какво е моето „еве ме“ Господи? „Се сокривам ли како Адам, за да не морам да одговорам? Или кога Господ ме вика, наместо да кажам „еве ме“ или „што бараш од мене“, бегам како Јона кој не сакал да го направи она што Господ од него го барал? Или се преправам дека ја вршам волјата Божја, но само надворешно, како закониците, кои Исус жестоко ги осудува? Се преправале: Сѐ е во ред… без прашања: направете го тоа и ништо повеќе од тоа. Или гледам на другата страна како што тоа го правел свештеникот и левитот кога го виделе кутриот повреден, кој го претепале разбојниците и го оставиле полумртов? Каков е мојот одговор на Господ?“

Господ секојдневно нѐ повикува да го кажеме своето „еве ме“ – продолжи Папата – но можеме да се „расправаме“ со Него: „Тој сака да се расправа со нас. Некој ми кажа: „Но, Оче, многу пати когам одам да се молам, му се налутувам на Господ…,“ но и тоа е молитва! Тој сака кога ќе се налутиш и кога ќе му кажеш во лице тоа што го чувствуваш, затоа што е Отец! И тоа е еден облик на „еве ме“… Или се сокривам? Бегам? Се преправам? Или гледам на другата страна? Секој од нас може да одговори на прашањето: Какво е моето „еве ме“ на Господ, за да ја правам неговата волја во својот живот. Каков е мојот „еве ме?“ Нека Светиот Дух ни даде милост за да најдеме одговор на тоа прашање“ – рече на крајот папата Фрањо.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот