Папата Лав XIV испрати телеграма потпишана од кардиналот Паролин во знак на солидарност со една од најтешките природни катастрофи во историјата на земјата. Источните региони Кунар и Нангархар се најсилно погодени, при што речиси три илјади лица се повредени. Работата на службите за итни случаи е отежната поради недостаток на средства. Талибанците упатија барање за помош до меѓународната заедница.
На 1 септември 2025 година, Папата Лав XIV испрати телеграма, потпишана од државниот секретар кардинал Пјетро Паролин, по силниот земјотрес што го погоди источен Авганистан претходната ноќ. Според првичните податоци, повеќе од 2.800 лица се повредени, а се 800 загинати. Во телеграмата, Папата ја изрази својата близина и молитви за сите погодени од трагедијата, доверувајќи ги на Божјата промисла. Тој ја истакна својата искрена солидарност, особено со семејствата кои тагуваат за загубата на своите најблиски, како и со службите за итни случаи и цивилните власти кои учествуваат во спасувачките акции. Завршувајќи, Папата се помоли за утеха и сила за народот во Авганистан во овие тешки моменти.
Вчерашниот земјотрес, трет по ред од враќањето на Талибанците на власт во 2021 година, претставува една од најголемите катастрофи што ја погодија земјата, која и онака се соочува со повеќе хуманитарни кризи. Портпаролот на Министерството за здравство, Шарафат Заман, упати апел до меѓународната заедница за помош во справувањето со последиците од земјотресот.
Службите за итни случаи се соочуваат со сериозни пречки поради недостиг на финансиски и материјални ресурси, додека меѓународните хуманитарни организации предупредуваат на занемарената криза во Авганистан, каде повеќе од половина од населението има потреба од итна помош.
Ватикан њуз/к.мк