Папата Лав XIV испрати поздрав до учесниците на конференцијата за здравство, организирана од Каритас Интернационалис, и повика на соработка во здравствената заштита, втемелена врз евангелските вредности.
Папата Лав XIV упати срдечен поздрав и уверување во својата духовна близина до сите учесници на Конференцијата за здравство, посветена на темата „Холистички пристап кон здравјето во Конфедерацијата Каритас“, која се одржува во Кастел Гандолфо од 23 до 25 јуни.
Пораката на Папата, испратена во среда,24 јуни 2026 година, ја потпиша државниот секретар, кардинал Пјетро Паролин.
Во неа, Папата изразува молитвена желба работата на групата „да придонесе за нов поттик за соработка и солидарност“ и ги охрабрува учесниците во нивните напори „за подобрување на здравствената заштита на болните, врз основа на евангелските вредности“.
Потсетувајќи дека Светото Писмо често Го претставува Исус како Божествен Лекар, папата Лав забележува дека Христос им носи здравје на немоќните, лекувајќи ги умствените, телесните и духовните маки што предизвикуваат страдање, понижување и изолација.
Папата, исто така, се осврнува на својата енциклика Magnifica humanitas, во која го потврдува „достоинството што му припаѓа на секое човечко суштество едноставно затоа што постои, затоа што е сакано, создадено и возљубено од Бога“.
Тоа достоинство, рече тој, „ги надминува индивидуалните околности на секоја личност“. Обновувајќи го здравјето, Исус го открива вроденото достоинство на секој човек и го насочува човештвото кон вечното спасение во Бога.
Папата Лав XIV ги охрабри учесниците да продолжат да придонесуваат за мисијата на Црквата, која го навестува Царството Божјо преку своето присуство меѓу болните.
„Спасението не е апстрактна идеја“, рече тој, „туку започнува со конкретно дело на лекување на раните на оние што страдаат“.
На крајот од својата порака, Папата изрази надеж дека работата на Каритас и на неговите организации ќе биде насочена кон тоа Божјото сочувство и добрина да им се донесат на оние на кои им се најпотребни.
Ватикан њуз/к.мк

