Папата Фрањо попладне на 12 мај 2017 година заминува на Апостолско патување во Фатима, едно од најпознатите Богородични поклонички места во светот, каде утре во 10.00 часот ќе ги прогласи за светци Фрањо и неговата сестра Јацинта Марто, пастирчиња на кои им се објави Пресвета Богородица.
По слетувањето на аеродромот Монте Реал, оддалечен околу 40 километри од светилиштето, околу 16.30 часот Папата ќе се сретне со португалскиот претседател и со хеликоптер ќе биде пренесен на местото Кова ди Ирија, каде на 13 мај 1917 година се објави Богородица на трите мали пастири, Фрањо и неговата сестра Јацинта и Луција. Ќе ја посети капелата на објавувањата, ќе ги благослови свеќите, ќе ги поздрави присутните и ќа ја предводи Светата Бројаница.
Во сабота 13 мај Папата најпрво ќе се сретне со португалскиот претседател на владата, а потоа ќе ја посети базиликата на Богородица од Светата Бројаница во Фатима, а во 10.00 часот ќе служи света Литургија на просторот пред светилиштето, посебно ќе ги поздрави болните, ќе руча со португалските епископи и околу 15.00 часот ќе полета назад за Рим.
Средбата со Богородица за малите деца било посебно искуство на милост, која ги поттикна да се вљубат во Христос, рече папата Фрањо на свештеничките кандидати на Папскиот португалски завод, кои на почетокот од оваа седмица ги прими на посебна аудиенција.
Пастирите Фрањо и Јацинта, кои Светиот Отец ќе ги прогласи за свети, од страна на папата Иван Павле II беа прогласени за блажени во 2000 година а исто така на 13 мај во Фатим. Богородичното светилиште во Фатима го посетиле четири папи: Павле VI, Иван Павле II, Бенедикт XVI и сега папата Фрањо.
РВ/к.мк