Папата Фрањо за време на молитвата Ангел Господов, на 10 јуни 2018 година зборуваше дека зависта води до лажни обвинувања со кои се сака да се уништи добриот глас на личноста.
Лажните обвинување со кои сака да се уништи добриот глас на другиот претставува „смртен отров“ – истакна папата Фрањо за време на пладневниот наговор на плоштадот Свети Петар во Ватикан пред околу 20 илјади верници. Светиот Отец во своето размислување се фокусираше на денешниот дел од Евангелието спред Марко (3, 20-35), напоменувајќи дека овде се покажуваат две „неразбирања“ со кои Исус се соочил: едно од страна на книжниците и другото од страна на неговите роднини.
Грев против Светиот Дух
За да го дискредитираат Исус во очите на народот кој настојувал да ги излекува луѓето во духот и во телото, книжниците го обвинуаат Исус дека во него е Велзевул, дека „бесовите ги истерува со силата на кнезот демонски“ (Мк 3, 22). Папата рече дека Исус одговара со силни и јасни зборови затоа што книжниците, иако и незнаејќи паднале во најтешкиот грев: негирале и хулеле против љубовта Божја која е присутна и делува во Исус.
Хулењето е грев против Светиот Дух, единствениот непростлив грев затоа што поаѓа од затворањето на срцето за Божјото милосрдие кое делува во Исус – рече папата Фрањо и продолжи: Станува збор за библиска епизода која содржи предупредување за сите нас. Може да се случи зависта заради добрината и добрите дела на некои луѓе да доведе тој човек лажно да се обвини. Тоа е вистински смртен отров: зло со кое намерно сака да се уништи добриот глас на другиот. Нека Бог нѐ ослободи од тие страшни искушенија!
И ако испитувајќи ја својата совест, препознаеме дека во нас расте таа зла трева, треба веднаш да пристапиме на светата Тајна Помирување – Исповед и тоа да го исповедаме, пред да се развие и да ги роди нејзините зли ефекти – рече Папата и предупреди: Бидете внимателни! Тој став го уништува семејството, заедниците и на крајот општеството.
Исусовото ново семејство
Второто неразбирање за кое зборува евангелистот е она од страна на неговите роднини кои се загрижени затоа што неговиот нов патувачки живот на нив им изгледаше луд. Навистина Исус за другите бил на располагање до таа мерка што немал време ниту да јаде. Таков бил Исус – прокоментира Светиот Отец. На прво место му биле луѓето. Затоа неговите роднини се одлучиле да го вратат назад во Назарет и дошле на местото каде Исус проповедал и го повикале. „Ете, мајка Ти и браќата Твои, и сестрите Твои, надвор се и Те бараат.“ А Он им одговори, велејќи: „Која е мојата мајка, или кое се браќата Мои?“ Па, како ги погледна оние што седеа околу Него, рече: „Еве ги Мојата мајка и Моите браќа. Зашто оној, кој ја исполнува волјата Божја, тој Ми е брат, и сестра, и мајка.“ (Мк 3, 32-35)
Исус заснова ново семејство кое повеќе не се темели на природните врски, туку на верата во Него, на неговата љубов која нѐ прифаќа, меѓусебно обединувајќи нѐ во Светиот Дух. Сите оние кои го прифаќаат Исусовото Слово се деца Божји и едни со други браќа и сестри. Да се озборуваат другите нѐ прави дел од ѓаволското семејство – предупреди Папата.
Најголемото признание за Марија
Светиот Отец објасни дека Исусовиот одговор не претставува недостаток на почитување кон неговата Мајка и роднините. Напротив, тоа е најголемото признание за Марија затоа што токму Таа е совршената ученичка која во сѐ била послушна на Божјата волја. Нека Девицата ни помогне секогаш да живееме во заедништво со Исус, препознавајќи го делото на Светиот Дух кој делува во Него и во Црквата, обновувајќи го светот за нов живот – рече на крајот папата Фрањо.
РВ/к.мк