Обраќајќи им се на шпанските епископи, папата Лав XIV потсети дека силата на Црквата не доаѓа од нејзините ресурси, „туку од светоста на нејзините деца“. Тој ги поттикна епископите да бидат татковци за „едноставните свештеници“, вљубени во Христос и вкоренети во молитвата.
„Силата на Црквата не доаѓа од големината на нејзините ресурси, туку од светоста на нејзините деца, од заедништвото на нејзините пастири и од скромната и истрајна верност на оние што дозволуваат да бидат водени од Духот.“
Ова го изјави папата Лав XIV за време на средбата со шпанските епископи во седиштето на Шпанската епископска конференција во Мадрид, во понеделник наутро, 8 јуни 2026 година..
Охрабрувајќи ги во нивната вера и посветеност, и покрај многубројните предизвици, Папата им рече на шпанските епископи дека се повикани „да го чуваат единството, да го поттикнуваат дијалогот, да ги лекуваат поделбите и да го придружуваат патот на народот што им е доверен на грижа“.
„Одиме по Него“
Во своето обраќање, Папата ги потсети епископите дека „Господ е Оној што нè води“ и дека Тој е „Господар на историјата и на секоја наша лична историја“.
„Тој“, забележа папата Лав, „го одредува ритамот. Ние одиме по Него; всушност, одиме со Него како членови на едно тело.“
Оваа врска, нагласи Папата, бара Црквата, „во ова време на зголемена поларизација и поделба, да понуди сведоштво за единство во различноста“.
Светиот Отец ја повика Црквата во Шпанија да негува заедништво способно да го прими богатството на даровите, харизмите и различните чувствителности, нагласувајќи дека во оваа задача службата на епископот има особено значење.
Со љубов да се чува верата
„Повикани сме“, рече папата Лав, „да бидеме видлив знак на заедништво: пред сè, на заедништво со Христос, со љубов чувајќи ја верата што сме ја примиле, во послушност кон Божјото Слово и кон живото Предание на Црквата.“
Тоа, рече Папата, бара видливо живеење во заедништво со Петровиот наследник и со универзалната Црква, „со презвитератот и со самата епархиска заедница, со посветениот живот, со движењата, здруженијата и со секоја автентична харизма што Духот ја дарува за општото добро“.
Затоа, Светиот Отец ги повика епископите да го промовираат единството и да го придружуваат својот народ, придонесувајќи за „мисионерската виталност“.
„Црквата што има внатрешен мир“, рече папата Лав, „може послободно да им се обраќа на браќата и сестрите од други христијански деноминации и други религии, на оние што не веруваат, на граѓанските власти и на сите луѓе со добра волја кои работат за општото добро.“
Светиот Отец исто така ги повика да останат блиску до младите, семинаристите и ранливите.
Да се довери службата на Пресвета Богородица
Папата потсети дека свети Иван Павле II ја нарекол Шпанија „земја на Марија“.
Осврнувајќи се на Пресвета Богородица како „мајка на заедништвото и надежта“, папата Лав рече дека епископите во неа ја имаат „својата прва придружничка на патот и своето најголемо богатство“.
Марија, рече тој, „им покажува на верниците како да го примат Словото и да го чуваат во своето срце, како да ги придружуваат учениците на нивниот пат и како да останат присутни во текот на целото патување на Црквата“.
„Нејзе“, рече папата Лав, „ѝ ја доверувам вашата служба, за да ви помогне меѓу луѓето што ви се доверени на грижа.“
Да се чува свештеничкиот живот
Папата потсети и дека оваа година се одбележува петстотата годишнина од свештеничкото ракополагање на свети Иван Авилски, заштитник на шпанското свештенство.
Тој се присети дека свети Павле VI го опишал како „добронамерен и мудар учител на духовниот живот, примерен обновител на црковниот живот и христијанските обичаи“, а истовремено и како „едноставен свештеник“.
Во овој свет Учител на Црквата, рече папата Лав, Црквата го препознава свештеничкиот живот што секој епископ е повикан да го чува и негува во рамките на својот презвитерат.
Во тој контекст, папата Лав подвлече дека најблиските сопатници на епископите на овој пат се токму „едноставните свештеници“, во највозвишената смисла на зборот: „вљубени во Христос, вкоренети во молитвата, верни на Црквата, блиски до народот и способни да ги соединат здравата наука, апостолската ревност и пастирската љубов“.
Епископите треба да бидат татковци што ги придружуваат своите свештеници
Папата им рече на присутните дека свештениците треба во својот епископ да најдат „не само признаен авторитет, туку и татко што ги придружува“, а во своите сосвештеници „браќа со кои ќе ги споделуваат тешкотиите и радостите на ова поклонение полно со средби, преку кое сите Го бараме Христос“.
Папата Лав XIV рече дека сака да заврши со молитва од светецот кој ги потсетува верниците дека секое црковно обновување се раѓа од срце усогласено со Христос: „Ако ми заповедаш, Господи, да го правам она што Ти го правеше, дај ми го Твоето срце.“
Затоа, рече Папата, и ние се молиме: „Господи, дај ни го Твоето срце, срце способно да го подигне погледот кон Тебе, да тргне на пат, да слуша, да расудува, да служи, да поправа со љубов, да биде присутно со трпение и да проповеда со радост.“
„Зашто Црквата што го прима Христовото срце“, рече папата Лав, „носи во себе огнен столб што ја води, ја поддржува, ја брани и ја утешува, потребните средства за соочување со секој предизвик.“
Ватикан њуз/к.мк

