Папата до семејствата во Ватикан: Вие сте големо чудо, дарувајте живот и љубов на другите

Папата до семејствата во Ватикан: Вие сте големо чудо, дарувајте живот и љубов на другите

Папата Лав XIV се сретна со вработените во Ватикан и со нивните семејства, собрани во Ватиканските градини по повод Денот на семејството, организиран од Управата на Државата Град Ватикан.

Папата Лав XIV во сабота, 5 септември 2026 година, во Ватиканските градини се сретна со семејствата на вработените во Ватикан, по повод традиционалниот Ден на семејството што го организираше Управата на Државата Град Ватикан.

Стотици мајки, татковци и деца радосно го дочекаа Светиот Отец, кој дојде да ги поздрави и благослови по повод третото издание на ова годишно собирање на ватиканските вработени и нивните семејства.

Собраните ги поздрави и сестра Рафаела Петрини, претседателка на Управата на Државата Град Ватикан. Таа, во име на присутните, уште еднаш изрази благодарност и синовска љубов кон наследникот на Петар, истакнувајќи дека е голема радост да му се служи и да му се помага, барем во мал дел, во големото послание што Господ му го доверил.

Потоа папата Лав XIV им се заблагодари на сите што учествувале во организацијата на оваа убава прослава. На семејствата им ја посочи прекрасната мисла на свети Иван Павле II: „Семејството е огледало во кое се огледува Бог.“

„Да почнеме од тоа“, додаде римскиот бискуп. „Замислете го своето семејство, да го замислиме и ова семејство што го сочинуваме ние, собрани овде. Бог сака да се види Себеси во нашата заедница, во нашето семејство. Бог е присутен во твоето семејство.“

Свети Иван Павле II, потсети Папата, исто така нагласувал дека семејството е огледало во кое се огледува Бог и во кое Тој гледа две најубави и најголеми чуда. Едното е дарувањето живот, а другото е дарувањето љубов.

Затоа папата Лав XIV повторно ги охрабри вработените во Ватикан и нивните семејства да живеат во тој дух, заблагодарувајќи им што и самите се тоа големо чудо.

„Можеби и ние секој ден можеме да го гледаме своето семејство како тоа Божјо огледало и повторно да ја откриваме Божјата љубов, што значи да се дарува живот, што значи да не се живее само за себе и да не се биде себичен, туку да се дарува живот за другите, во семејството, меѓу пријателите и меѓу оние што сè уште не ни се пријатели“, рече Папата.

„Нека и нашата вечерашна прослава биде огледало на Божјата љубов“, рече на крајот Римскиот бискуп.

Тој заврши со желба сите навистина да ја почувствуваат радоста што само Бог може да ја даде: радоста да се слави заедно, како огледало на Божјата љубов.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот