Папата до полските поклоници: За милосрдието е потребно фантазија

Папата до полските поклоници: За милосрдието е потребно фантазија

Папата Фрањо во четврток 28 април 2022 година се сретна со полски поклоници од надбискупијата Лоѓ, кои го затвораат јубилејот 100 од надбискупијата. Тој ги благослови сите оние кои ги отвораат срцата и умовите, домовите и ресурсите за најранливите и ги охрабри поклониците да ја одржат жива храброста на нивниот прв пастир.

Екуменизмот и милосрдието се два суштински аспекти на христијанството кои првиот епископ на универзитетскиот град Лоѓ, монс. Винсенти Тимиениецки, ја всади во „ДНК“, на локалната Црква. Денес, милосрдието бара голема фантазија и креативност за да станеме апостоли, поети на милосрдието, рече Папата и истакна дека со отворањето на срцата, умовите, домовите и ресурсите за најранливите, Црквата го добива „најевангелското“ лице.

Поклонението како слика на Синодалната црква

Почнувајќи со поздрав на полски, папата Фрањо рече дека присуството на поклониците е сведоштво за нивната вера и љубов кон Црквата и им се заблагодари за нивната желба да се сретнат со него, како и за нивната отвореност за учењето на Папата. Имено, документите на Папското Учителство внимателно се проучувани за време на пасторалната синода на нивната бискупија. Папата изрази посебна благодарност за молитвите за негова накана. И тој се моли за нив, додаде Светиот Отец и е подготвен внимателно да ги слуша, што е и целта на актуелната синода на тема: „За Синодалната црква: заедништво, учество и послание“, чија бискупска фаза се ближи кон крајот.

Папата Фрањо изрази надеж дека не се само посветени на синодата, туку и дека тоа го искусиле, повторно откривајќи ја убавината на црковното заедништво, живеејќи ја верата заедно, преземајќи взаемна одговорност еден за друг, споделувајќи го Божјото искуство, дури и со оние кои навидум се оддалечени или размислуваат поинаку. Поклонението, додаде Папата, е исто така прекрасна слика на Синодалната црква.

Светиот Отец рече дека е задоволен од присуството на претставници на граѓанската власт на поклонението, како и на припадници на други христијански конфесии. Поздравувајќи го и екуменскиот совет, Папата рече дека нивното заедништво во различностите е знак на синодалност.

Милосрдие и екуменизам

Јубилејот на надбискупијата Лоѓ е време кога се сеќаваат на почетоците на Црквата на тоа подрачје, а особено на нивниот прв бискуп, монс. Винсенти Тимиениецки, забележа Светиот Отец. Светиот Дух преку бискупската служба на монс. Тимиениецки во „ДНК“ на црквата во Лоѓ впиша два важни аспекти на христијанството – милосрдието и екуменизмот, како наследство и задача за идните генерации, рече папата Фрањо.

Како што рече, денес милосрдието бара голема фантазија и креативност, за да станеме апостоли, поети на милосрдието. Папата ги благослови добротворните дела на ходочасниците – дури и оние извршени на личен, спонтан и скриен начин, додаде тој. Ги благословувам оние кои ги отвораат своите умови и срца, кои ги отвораат домовите и ресурсите за болните, старите, невработените, бездомниците, имигрантите, сите сиромашни, страдалниците и маргинализираните и децата на кои им треба дом и семејство. Така, со отворањето на вратата, отворањето на сè, Црквата го добива најевангелското лице, она на добриот Самарјанин, кој не сака и не знае да биде рамнодушен, рече Папата.

Бискупот Тимиениецки знаел да ги спои храброста на милосрдието и храброста на екуменизмот. Тој го избра патот на екуменизмот долго пред Католичката црква официјално да започне по тој пат, продолжи Петровиот наследник. Папата ги повика ходочасниците да ја одржат жива храброста на нивниот прв пастир. Екуменизмот во Црквата, потсети тој, не е необавезна или декоративна работа, туку важен став.

Убави желби

На крајот Папата рече дека јубилејот е можност да се изразат убави желби. Желбите на Папата за членовите на надбискупијата во Лоѓ се најпрво од јубилејното искуство да излезат како Црква обновени. Повикот на Црквата е да евангелизира; радоста на Црквата е да евангелизира, потсети Папата, повикувајќи се на зборовите на неговиот претходник, свети Павле VI. Нека Светиот Дух ви помогне да ги протолкувате новите предизвици што ни ги поставува времето и да пронајдете соодветни алатки за нивно решавање, посакувајќи им веродостојно, кохерентно и привлечно сведоштво. Понатаму, да се негуваат братските односи и да бидат Црква која живее „на излегување“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот