Во пораката до парискиот надбискуп Мишел Аупетит папата Фрањо изрази близина и ја загарантира својата молитва по повод големиот пожар кој ја уништи катедралата Нотр Дам, тој „национален симбол“, омилен на Французите.
Катедралата Нотр Дам, благодарејќи на обновата и мобилизацијата на сите луѓе, повторно нека биде убава оаза во центарот на градот, знак на вера на оние кои ја граделе, црква – мајка на Вашата бискупија, архитектонско и духовно наследство на Париз, Франција и целото човештвото – е надежта на папата Фрањо која ја искажа во пораката упатена до монсињор Мишел Аупетит, надбискуп на главниот француски град, после големиот пожар кој делумно ја уништи париската катедрала.
Со соединуваме во вашата тага – пишува Папата – и со тагата на верниците од Вашата бискупија, жителите на Париз и сите Французи. Во оваа Страстна седмица во која се спомнуваме на Исусовото страдање, Неговата смрт и воскресение, ви ја гарантирам својата духовна близина и своите молитви. Оваа катастрофа тешко ја оштети историската градба. Но свесен сум дека со тоа е погоден и националниот симбол, саканото срце на Парижаните и Французите, во различноста на нивните уверувања.
Имено, Нотр Дам е архитектонски бисер за колективно сеќавање, место на бројни важни настани, сведок на верата и молитвите на католиците од тој град – истакна папата Фрањо и на крајот го подели својот апостолски благослов на бискупите, верниците и повика Божји благослов за жителите на Париз и сите Французи.
Станува збор за прв голем пожар кој ја зафати катедралата, чија што изградба е започната во 1163 година, во центарот на главниот град, покрај реката Сена. Нотр Дам е една од најпознатите готички градби во светот, а врз основа на францускиот закон од 1905 година за одвоеност на Државата од Црквата, сопственик е француската држава, како и сите други катедрали изградени за време на Француското царство и се дадени на користење на Католичката црква.
Ватикан њуз/к.мк