Папата Фрањо ги охрабри младите пејачи и музичари кои ќе учествуваат на божиќниот конкурс на папската фондација Gravissimum Educationis да пеат за оние врсници кои ја изгубиле надеж поради сиромаштво, војни, миграција и други тешкотии.
Аудиенцијата со учесниците на концертот беше откажана поради блага форма на настинка на Папата, но и покрај тоа, текстот на Папата им беше врачен на присутните.
Во своето обраќање, Светиот Отец ги повика младите музичари да гледаат на конкурсот како „можност за човечки раст“. Потсетува дека раѓањето на Исус било придружувано со небесна ангелска песна: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја!“ (Лука 2, 14).
Папата нагласува дека воплотувањето Христово со векови вдахновувало безброј уметници и талентирани творци на различни јазици и култури. „Вие сте дел од ова големо движење со вашата оригиналност, приказни и гласови“, истакнува Папата.
Светиот Отец ги повикува учесниците на божиќниот конкурс да пеат за надежта „за оние врсници кои ја изгубиле поради многу причини: поради сиромаштво, болести, војна, принудна миграција, проблеми во семејството, училиштето или со пријателите“. Затоа, Папата посакува сведоштвото на музичарите да може да допре до некои од овие момчиња и девојчиња.
На крајот од говорот Папата ги повика младите музичари да го засноваат својот талент и креативност „не на идолот на парите и успехот, туку на страста за убавината, братството и Исус, кој му дава смисла на животот“.
Ватикан њуз/к.мк